СДСМ: Наместо извештај за реализација на конкретни проекти, ние добивме предизборен флаер со препишани нереализирани проекти

„На 16-тата седница, кон средината на декември, опозицијата побара од градоначалникот да достави извештај до Советот на општината за реализираните проекти во 2013 год. Од негова страна беше ветено дека тоа ќе го направи на наредната седница. Но, тоа не се случи ниту на наредната седница, ниту на таа по неа. Конечно, по цели два месеци, под притисок на опозицијата, градоначалникот на 19-тата седница го подготви и извештајот и го изнесе пред Советот“. – вака истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ОО на СДСМ Охрид, Александар Кузески.

„По толку чекање, наместо да добиеме извештај за тоа што е реализирано од страна на градоначалникот во изминатите 300 дена, ние добивме партиски памфлет за  тоа што не чинело во минатото. Наместо да добиеме отчет за сработеното во изминатите 10 месеци, ние добивме листа со пусти желби и најави за тоа што се планира да биде сработено во наредните години. Наместо извештај за реализација на конкретни проекти, ние добивме предизборен флаер со препишани нереализирани проекти. Она што веднаш паѓа в очи е првиот и најдолгиот дел од извештајот – сирова и субјективна партиска критика на поранешната локална власт – нешто што го слушаме по којзнае кој пат, бидејќи еве веќе цели 10 месеци оваа власт, на чело со градоначалникот, и не кажа ништо друго, туку само зборува само за работењето и за долговите од претходниот градоначалник. Јавноста очекуваше да слушне извештај за тоа што сработил овој градоначалник, а не претходниот. Но, намерата е провидна – со омаловажување и непризнавање на постигнатите резултати од претходната локална власт, да се најде алиби за сопствената немоќ и неспособност да се оствари тоа што беше ветено од оваа локална власт.“ – рече Кузески.

Кузески обвини дека било срамно, и смешно најавувањето на нови проекти, како што рече, оваа локална власт да се обидува да го прикрие и игнорира неостварувањето на ветените и нереализирани проекти.

„Во врска со наводно преобемната, преглозмазната и неефикасната администрација – од една страна, таа навистина почна да се намалува, но притоа без леб останаа повеќе од десеттина семејства, затоа што одредени државни службеници тенденциозно беа избркани поради политички реваншизам и пресметка со неистомислениците, преку фингирани и незаконски оценувања и тестирања; од друга страна, нови партиски војници секојдневно се ангажираат во таа иста администрација, па во овој момент во општината и во јавните претпријатија бројот на вработените е уште поголем од тој што првично беше затекнат.“ – потенцира Кузески.

 Како што беше посочено на прес средбата, слична ситуација имало  и во образовните институции, каде што биле испуштени стручни и искусни кадри, а на нивно место биле примени нестручни кадри.

„Во врска со средствата кои им се дадоа на училиштата – тоа се тековни сервисирања на работењето на училиштата. Кога градоначалникот заборува за блокирани сметки во училиштата – тоа не беше поради недомаќинско работење на директорите, туку таквата состојба беше по вина на Министерството – не им се исплаќаа трошоците за отпремнина на пензионерите, кои потоа по судски пат тие си ги добија, а и со нередовна, ненавремена и нецелосна исплата на наменските дотации. Крпењето на дупките на улиците, асфалтирањето на делови од некои улици, реконструкцијата на дел од тротоарите и постоечките водоводни мрежи или замената на прегорените сијалици во фискултурните сали, градоначалникот ни ги претстави како капитални реализирани проекти, а сето тоа всушност тоа е само завршување на веќе започнати тековни работи од претходната локална власт. Исто така, како најзначајни проекти се прикажани стрелката и куќарката кај клучката на влезот на градот, неколкуте метри квадратни гранитни плочки кај старата библиотека, неколкуте културни манифестации што и пред тоа се одржуваа под други имиња, како и, цитираме, најголемиот дочек на Новата година на сите времиња на градскиот плоштад. Е па, навистина, човек да остане зачуден колку (под наводници) „нови и капитални“ проекти се реализирале. И како врв на се‘ – лизгалиштето, за чие крајно сомнително, неадекватно и незаконско поставување сеуште се одбива да се дискутира на седница на Советот на општината, како што тоа упорно го бара опозицијата, за јавноста да ги добие вистинските одговори. И, секако, последниот дел од извештајот беше преполн со проекти кои ќе се работат во иднина: направен е план, се најавува ова, се планира она, ќе се отвори тоа, ќе започне ова, ќе биде она, итн. Ние чекавме да слушнеме извештај од оствареното и реализираното, а не да слушаме нови идни празни ветувања.“ –  потенцираше Кузески.

Од ОО на СДСМ Охрид го прашуваат градоначалникот – дали брошурата што ќе претставува отчет за сработеното, и што ќе се дели по граѓаните од врата на врата, како што бил принципот на работа на ДПМНЕ, можеби ќе ги содржи следните реални реализирани „проекти“:

„Незаконска промена и малтретирање на поранешните директори на јавните претпријатија, училиштата, градинката и некое секторски раководители во локалната самоуправа.  Назначување на некомпентентни, несоодветни или нестручни директори по јавните претпријатија, само врз основа на непотизам, пријателство и партиска припадност. Вработување на партиски војници и лични пријатели во јавните претпријатија, училиштата, градинките и локалната администрација, на сметка на избрканите стручни, едуцирани и квалификувани сограѓани. Колку за споредба, поранешниот градоначалник успеа да вработи на стотици млади луѓе, на кои им овоможи егзистенција, без да избрка или испушти од работа ниту еден од постоечките вработени. Вие, иако им ветивте на граѓаните дека не доаѓате за градоначалник за да отпуштате од работа, туку за да создавате нови работни места, ги бркате од работа неистомислениците и на нивно место поставувате нестручни, неискусни и послушни партиски војници. Донесувате урбанистички планови за изградба на висококатници, за кои во минатото жестоко ја критикувавте локалната власт. Воведовте нови паркинзи, на сите улици во централното подрачје, на кои паркирањето се наплаќа, иако остро го критикувавте тоа кај Вашите претходници. Предвреме ги  отстранивте времените објекти, од кои нашите сограѓани вадеа едно парче леб. А Вашите предизборни партиски билборди, кои законски бевте должни да ги тргнете 30 дена по изборите, сеуште стојат по улиците.Си играте играчки со контејнерите и со отпадот, а градот никогаш не бил понечист. И конечно, да заклучиме еднаш за секогаш – граѓаните на Охрид масовно Ви ја дадоа довербата на изборите, затоа што им ветивте дека ќе бидете подобри, поефикасни и постручни од Вашите претходници. Но Вие, и по 100, и по 200, и по 300 дена, сеуште се жалите на поранешната градска власт, сеуште не направивте ништо капитално и сеуште сте јаки само на зборови. Дела, до овој момент, не видовме   Да заклучиме – извештај слушнавме, ама ништо ново не слушнавме. Само веќе добро познатиот партиски популизам на ДПМНЕ. Исто, како што не видовме ништо значајно да биде направено и остварено за Охрид и за охриѓани во 2013 година од страна на локалната власт.“ – заврши Кузески.