Општина Охрид денес испрати соопштение, кое се однесува на најновиот пристигнат долг кон МЈП „ПРОАКВА“. Во соопштението се вели:
„Лесно е да се излегува во јавноста на прес конференции и лажно да се обвинува, како што тоа го прави СДСМ, но треба да се има трунка доблест и да се признае дека граѓаните на Охрид, веројатно уште долго ќе го плаќаат неразумното, неодговорното и крајно штетното работење и однесување на минатата власт кон сопствените сограѓани. И покрај огромните напори на градоначалникот Никола Бакрачески и новото општинско раководство, никако не може да се формира одбранбен механизам за општината да заздрави од кабахадијското менаџирање со градската каса и јавните претпријатија од времето кога владееше СДСМ.
Како поинаку да се протолкува најновата епизода од бескрајниот серијал на недговорното работење на СДСМ и нивните квази менаџери, овен како злосторство кон сопствените сограѓани и иднината на Охрид. А таа епизода зборува за нов долг на МЈП Проаква од, неверојатни 93.339.953,оо (деведесет и три милиони триста триесет и девет илјади и деветстотини педесет и три денари)!?, потврден со правосилна пресуда на Врховниот Суд на Република Македонија. Овој долг и покрај инволвираноста на повеќе финансиски институции и добрата волја од нивна страна во спроведување на проектот – “Модернизација на системите за водоснабдување и за отпадните води“, исклучиво е резултат на нестручното и неодговорно работење на раководителите поставени од СДСМ.
Се разбира дека од СДСМ повторно ќе ламентираат дека “тие не се повеќе власт“ и дека новата општинска власт имала доволно време да се справи со наталожените проблеми! Ова се разбира е делумно точно: тие не се повеќе власт што е среќна околност по катастрафота што ја оставија зад себе, но наталожените проблеми се со гравитациска сила на црна дупка и никако да испливаат на хоризонтот за конечно да знаеме со што треба да се справиме. Ова никако не треба да се разбере како малодушност или алиби. Напротив, градоначалникот Бакрачески и новата општинска власт продолжуваат со темпото на спроведување на програмата и активностите од кои корист ќе имаат сите граѓани на Охрид. Ништо нема да не поколеба во нашата мисија, Охрид да стане пример за успешна локална самоуправа, а неговите граѓани среќни и исполнети луѓе.“ – стои во соопштението на општина Охрид.