Денеска, после плодна дебата, прво на Централниот одбор, потоа на самиот Конгрес, беше усвоена изборната Програма на Социјалдемократскиот сојуз и беа утврдени Листите на кандидати за пратеници, за претстојните парламентарни избори 2014 година.
„Од денеска, покрај понудата за претседателски кандидат поддржан од страна на Социјалдемократскиот сојуз и опозицијата, Социјалдемократскиот сојуз ги истакна своите листи за кандидати за пратеници и секако според нас најважната работа, изборната Програма, којашто сметаме дека ќе биде идна владина Програма. Новите принципи коишто Социјалдемократскиот сојуз денеска ги наметна, апсолутно, се надевам дека предизвикуваат посебно внимание кај јавноста. За да бидеме на чисто, овој нов концепт каде што раководството на партијата не е на самите листи, ја испраќа недвосмислено јасната порака.Во еден ваков чесен пристап, во којшто што се знае кој ќе е идниот Претседател на државата, кои ќе бидат пратениците во државата и кој е костурот на идната Влада, граѓаните ќе знаат да препознаат и согласно тоа секако ќе ја дадат поддршката, за конечно да заврши оваа мизерија во којашто живееме сите во Република Македонија и Македонија да тргне кон исправниот пат, со извесна иднина, добра за сите денешни и идни генерации.“ – истакна на прес конференција Зоран Заев, претседател на СДСМ, Скопје.