Градоначалникот Никола Бакрачески, денес оствари работна средба со претставници од Агенцијата за државни патишта и проектантите на експресниот патен правец Охрид – Пештани со цел да согледа до каде се активностите околу реализацијата на овој битен проект.
По барање на градоначалникот Бакрачески и врз основа на неговата добра комуникација со Месните и Урбани Заедници, а имајќи во предвид дека тој пат е битен за мештаните, проектантите истиот го презентираа и пред претставниците на Месните и Урбани Заедници кои гравитираат околу овој патен правец.
По презентацијата, од страна на градоначалникот Бакрачески, од стручните служби на општина Охрид и од страна на претставници на Месните Заедници беа изнесени одредени забелешки при што проектантите и претставниците на Агенцијата за државни патишта се обврзаа дека ќе најдат начин сите забелешки да ги инкорпорираат во проектот.
Патниот правец Охрид – Пештани е многу значаен за Општина Охрид во поглед на развој на туризмот, особено затоа што истиот ќе стигнува до појдовната точка на Ски центарот Галичица што локалната власт планира да го гради.
Патот ќе биде широк околу 11 метри и ќе даде нов импулс во развојот на туризмот во овој дел од Охрид.
Според најавите градежните активности за овој патен правец треба да започнат кон крајот на 2015-та или почетокот на 2016-та година.