Точков: Водата во Коселска, Сатеска и Велгошка река сеуште негативно влијае врз еко-системот во Охридското Езеро

Центарот за јавно здравје континуирано ја следи состојбата со квалитетот на водата за пиење во градските водоводи, во селските водоводи, но и водата во Охридското Езеро.

„Сакам да напомнам дека во месец март беа земени 21 примерок од водата во Охридското Езеро, почнувајќи од Св.Наум, па до струшкото крајбрежје. Тие примероци на вода беа анализирани во лабораториите со физичко-хемиска микробиолошка анализа и примероците кои што беа земени од реките покажуваат дека водата во тие реки Коселска, Сатеска и Велгошка е со лош квалитет, односно сеуште негативно влијаат врз еко-системот на Охридското Езеро. Водите од тие реки се од трета класа, исто така водата во Охридското Езеро најголем број примероци беа од прва и втора класа, значи од Св.Наум до Парк и од Парк до струшкото крајбрежје.“– рече на денешната прес-конференција раководителот на Одделението за лабораториска дејност, Сашо Точков.

Точков додаде дека дека посебно интересно е тоа дека примероците на вода кои што биле земени од пречистителната станица на колекторскиот систем во с.Враништа, каде што водата била со големо загадување и покажала квалитет од класа 5, што не ги задоволува стандардите и критериумите, според уредбата за класификација и она што таа треба да го испушта во реката Дрим.

„Исто така беа земени примероци на вода и од реката Дрим после испустот на прочистителната станица, увидовме дека квалитетот на водата е исто лош со трета класа и пред испустот со втора и трета класа. Може да се заклучи дека прочистителната станица треба нешто да преземе за да ја врши својата функција односно да ја пречистува отпадната вода од колекторскиот систем, за да испушта во реката Црн Дрим вода со максимум втора класа, а исто така реките како што кажавме сега имаат загадување и носат постојано го оптеретуваат Охридското Езеро, што значи дека и со нив треба да се води некоја сметка, особено пред почетокот на туристичката сезона, кога очекуваме голем број на гости, каде што и загадувањето очекуваме да биде поголемо.“- додаде Точков.

На прес средбата беше најавено дека во текот на месеците април и мај ќе биде вршена анализа и контрола на квалитетот од сите артерски чешми, односно јавни чешми, кои што граѓаните ги користат во Охрид и околината.

WebOhrid