Општина: Во меморијата на охриѓани свежи се сеќавањата кога паркинзите се издаваа за полнење на приватни џебови

Во врска со соопштението на ОК на ВМРО-НП Охрид, реакција испрати општина Охрид, во која стои:

„Почитувани од ВМРО-НП, за момент веројатно помисливте дека со Општина Охрид се уште раководи бившото раководство кое максимално го поддржувавте  а чија основна визија беше финансиско пустошење  на Охрид и  во таа смисла целосно беше сконцентрирано јавните паркинг простори во градов да ги дава под закуп  на приватни лица.

За да ве разбудиме од сонот би ви посочиле  дека Јавното Претпријатие “Билјанини Извори“, бара партнер со кој што заедно ќе набават опрема за модерно функционирање на претпријатието. Таа опрема максимално ќе ја подобри наплатата на паркинзите а со  тоа логички ќе се зголеми  профитот на претпријатието и ќе се  создадат реални услови за отворање на нови работни места. ЈП “Билјанини Извори“ со новата опрема и воведување на новиот систем на наплата , финансиски ќе се стабилизира  и ќе нема никаква потреба луѓето да заминуваат од работа.

Во  меморија на охриѓани  свежи се сеќавањата  од  времето кога  јавно добро, односно  градскиот паркинг простор се издавше  за полнење на приватни џебови на поединци блиски до некогашната локална гарнитура.

Новото Локално раководство прави напори целосно да го рестартира ова јавно претпријатие, со почитување на сите пропишани закони и норми, работејќи во интерес на Охрид и охриѓани.

Затоа господо од ВМРО- НП, ви препорачуваме да не го трошите своето време на пишување неиздржани соопштенија со кои се замајувате само вие, но не и охриѓани.  Затоа што  граѓаните никогаш повеќе нема да преземат ризик и да им веруваат на луѓе кои оставија вистински пустош во Охрид  а зад кои секогаш стоевте и вие.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.