Разоткриена организирана група којашто криумчарела жив добиток во соседна Албанија

Вчера (27.03.) Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР на РМ спроведе координирана акцијата со цел сузбивање на организирана меѓународна криминална група, составена од десет македонски државјани (од кои седум со двојно државјанство, македонско и албанско) и тројца албански државјани кои во континуитет во периодот од 2012 до 2014 година биле инволвирани во криминални активности поврзани со организирање криумчарење и транспорт на жив добиток од Р.Македонија во Р.Албанија, со цел стекнување на нелегален профит.

Случајот, кој што е продолжение на оперативната акција “Милка“, е реализиран со координација на ЈО од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција и по претходно спроведено повеќемесечно криминалистичко истражување со примена на посебни истражни мерки, при што обезбедени се докази за криминалната активност на криминална група чии организатори се: албанските државјани – З.А. (56), С.Б. (57), П.А. (53) и македонските државјани В.Н. (47) од Ресен, В.М. (47) од с.Стење, Ресен, а членови на групата со посебни задолженија поврзани со незаконитите постапувања се: Л.Т. (45), с.Стење, Ресен, Е.М. (33) од с.Будаково, Битола, Ќ.И. (70) од Битола, С.К. (55) од Битола, Т.К. (66) од Ресен, Л.В. (67) од Ресен, како и еден полициски службеник вработен на ГП Стење – Ј.Б. (46) од Ресен.

Оваа меѓународна криминална група делува од 2012 година, од кога организира и се занимава со купување, транспорт, складирање и криумчарење (пренесување) преку зелената гранична линија – терање добиток (телиња и јунци) избегнувајќи ја полициската и царинската контрола од територијата на Р.Македонија во Р.Албанија во близина на граничниот премин Стење. Добитокот го купувале од сточните пазари во Р.Македонија во Битола (вторник), во с.Кривогаштани – Прилеп (во среда), по што со товарни моторни возила го транспортирале до штала во Битола, сопственост на Ќ.И., а потоа во шталата во колективниот прифатен центар „Царина“ во с.Стење, Ресен. По ова истите откако ќе добиеле „одобрување“ од полицискиот службеник вработен на ГП Стење, дека на зелената линија на македонско албанската граница нема полициски патроли, добитокот го прокриумчарувале од Р.Македонија во Р.Албанија од каде бил превземан од членовите на криминалната група од Р.Албанија, транспортиран и продаван на пазарите во Тирана и други градови.

Албанските државјани, како организатори на криминалната група директно влијаеле со посочување кои грла добиток да бидат купени од сточните пазари, организаторите од Р.Македонија В.Н. и В.М. биле задолжени заедно со албанските државјани да го купат добитокот и да го организираат транспорт на истиот од сточните пазари до шталите во Битола и прифатниот центар во с.Стење, за што ги ангажирале Ќ.И. и Е.М. Лако член на криминалната група Л.Т. давал логистичка поддршка, односно, ангажирање лица за пренесување на добитокот, координирање помеѓу транспортерите, како и обезбедување на транспортите пред и после возилата со кои се пренесувал добитокот –известување за тоа дали има полициски патроли на патот и сл. Исто така, тој бил задолжен и за прифаќање и криумчарење на добитокот од с.Стење во Р.Албанија заедно со Д.Т., С.К., Т.К. и Л.В. Полицискиот службеник Ј.Б. како член на криминланата група ја злоупотребил службената должност и овластување на тој начин што им овозможувал непречено пренесување-транспорт, криумчарење на добитокот од Р.Македонија во Р.Албанија.

На овој начин, членовите на криминалната група ги избегнувале задолжителните процедури за извоз на животни, а кои се однесуваат на регистрација на правно лице со дејност трговија на добиток, пренос на сопственост при купување на добитокот, ветеринарен преглед, задолжителен карантин, добивање сертификат за здравствената состојба на добитокот за да истиот може да се извезува, трошоци за транспорт на добитокот, шпедитерски услуги и трошоци за царинската постапка.

Од досега превземените мерки и активности и извршени првични проверки, утврдено е дека оваа криминална група во наведениот период (од 2012 до март 2014 година) прокриумчариле околу 296 грла жив добиток со просечна тежина од 300 кг. којшто на сточните пазари во Р.Македонија го набавувале во просек по две евра за еден килограм, а во Р.Албанија го продавале по сума од пет до шест евра, при што за еден килограм во просек остварувале 3,5 евра противправна имотна корист, односно за целиот период се стекнале со противправна имотна корист од најмалку 19.114.200 денари, а избегнале плаќање на давачки во Р.Македонија во износ од 296.000 денари (ветеринарен преглед, карантин, пренос, конторола, царински давачки и шпедиција), односно извршуваќји ги кривичните дела се стекнале со материјачна корист во вкупен износ од 19.410.200 денари или 315.613 евра.

Вчера, врз основа на издадени Наредби од страна на судија на претходна постапка, извршени се претреси на вкупно четири локации (по две во Битола и Ресен), домови и други простории на членовите на организираната група, при што лишени се од слобода вкупно осум лица (три лица со двојно државјанство, три лица македонски државјани и двајца албански државјанин).

При извршените претреси во домовите на членовите на групата, пронајдени и одземени се: пет грла добиток, едно товарно моторно возило, 6.750 евра, 7.000 леки, два револвера, две ловни пушки со кал.12 мм, осум со куршуми кал.7.9мм, пет куршуми со кал.8х57, како и девет телефонски апарати и 10 сим картици.

До ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција вчера е поднесена кривична пријава против вкупно 13 лица (тројца албански државјани, тројца македонски државјани и седум лица со двојно државјанство) членови на криминалната група поради основано сомнение дека се сторители на кривични дела – “злосторничко здружување“ и „криумчарење“, како и “злоупотреба на службена должност и овластување“, кое се однесува на полицискиот службеник. На сите осум лица, лишени од слобода, надлежен Судија за претходна постапка им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена, а се преземаат мерки за пронаоѓање и лишување од слобода на уште вкупно пет лица и тоа едно лице албански државјанин и четири лица со двојно, македонско и албанско државјанство.