Општина: Потенцираме дека јавно приватно партнерство и концесија не е исто

Во врска со прес конференцијата на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати и Општина Охрид, во која стои:

„Зачудува фактот што за СДСМ јавно приватно партнерство и концесија е едно те исто: „локалната власт на ДПМНЕ предлага одлука паркинзите повторно да се дадат под концесија, со јавно приватно партнерство. “ – ќе истакнат СДСМ на денешната прес – конференција.

Очигледно Вам господа од СДСМ не Ви е јасно значењето на терминот јавно приватно партнерство. Но со оглед на фактот како Вие тоа го практикувавте не не’ зачудува ваквото поимање. Јавно приватно партнерство не претставува договор во четири очи како што Вие тоа го правевте во минатото со давање под концесија на паркинзите на штета на Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ , а најмногу на штета на охриѓани и вработените кои со месеци неможеа да земат плата. Потенцираме дека јавно приватно партнерство и концесија НЕ Е ИСТО. Како што вчера им објаснавме на вашите коалициони партнери што значи јавно приватно партнерство, така и Вам ви стоиме на располагање.

Оваа идеја, за осовремување и доопремување на паркинзите преку јавно приватно партнерство, најтранспарентно ќе се разработи. Ќе помине преку сите законски филтри и механизми за на крај да се избере најдобрата понуда за осовремување и олеснување на пристапот како за охриѓани така и за туристите. Ќе биде избрана понуда од која претпријатието, вработените, а пред се охриѓани ќе имаат најголема корист. И на крајот по завршувањето на договорот со приватниот партнер целокупната опрема која ќе биде инвестирана во паркинзите ќе остане во трајно користење на охриѓани.

Што се однесува за волјата на народот, тоа Вам најдобро вие познато. Народот неколкукратно на избори Ви ја покажува неговата волја. Бидејќи знае да процени кој работи транспарентно, отчетно и посветено за подобро утре токму за тој народ. На целокупната охридска јавност и е јасно дека освен пустош и хаос во Општината и во Јавните претпријатија не оставивте ништо друго. Но очигледно е зошто е тоа така бидејќи Вам не ви биле познати работите.“-стои во реакцијата на Општина Охрид.