До 29 март 2014 година до 24 часот, во Државната изборна комисија листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија доставија 14 политички партии меѓу кои се и пет коалиции.
За сите шест изборни единици во Република Македонија и за трите изборни единици во странство, листи на кандидати доставија – Демократска унија за интеграција (ДУИ), СДСМ и останатите партии во коалицијата и ВМРО-ДПМНЕ и останати партии во коалицијата. Демократската партија на Албанците (ДПА) до Државната изборна комисија поднесе листи на кандидати за пет изборни единици (1, 2, 3, 5 и 6) во Република Македонија како и за изборните единици 7 (Европа и Африка) и 8 (Северна и Јужна Америка), Национална демократска преродба (НДП) поднесе кандидатски листи за изборните единици 1, 2, 5 и 6 и за Изборната единица 7, Коалицијата Достоинство за Македонија има листи на кандидати за сите шест изборни единици во Република Македонија и за Изборната единица 8 за гласање во Северна и Јужна Америка.
За сите шест изборни единици во Република Македонија свои листи на кандидати за пратеници во Собранието на РМ доставија ВМРО Народна партија, Коалиција Гром, Коалиција за позитивна Македонија и Социјалдемократска партија на Македонија (СДПМ). Политичката партија Народно движење за Македонија (НДМ) кандидатски листи има во пет изборни единици во Република Македонија (1,2,3,4 и 5), Партијата за Европска иднина (ПЕИ) – кандидати за пратеници има во четири изборни единици во државата (1,2,5 и 6), Партијата за економски промени 21 (ПЕП 21) – има листи за изборните единици 1 и 2, а Партијата за демократски просперитет (ПДП) – достави своја кандидатска листа само за шестата изборна единица.
Државната изборна комисија на седницата на 31. март 2014 година ќе ги потврди поднесените листи.