Тунтев: Во недела гласајте-не онака како што ви вели, присилува и наредува власта, туку онака како што чувствувате во вашата душа

Изборната кампања стигна до својот крај – остана уште во недела масовно, гордо и достоинствено охриѓани да излезат на гласање и да го дадат својот глас за промените, за новниот почеток, за новите луѓе и за новите идеи, рече на прес конференција претседателот на ОО на СДСМ Охрид и  носител на пратничка листа во 5-тата ИЕ, Томислав Тунтев.

„Да гласаат за претседател каков што Македонија заслужува, да гласаат за враќање на средната класа, за враќање на слободата и демократијата, за враќање на нашата иднина. Да гласаат за Стево Пендаровски за претседател под реден број 3 и за листата за пратеници на СДСМ и коалиционите партнери под реден број 1. Со тоа ќе направат разлика – против заканите, уцените и притисоците, за напредокот, слободата и правдата. Само во една работа целосно се сложуваме со ДПМНЕ – во тоа што ИМА РАЗЛИКА. И шуќур што има разлика и фала Богу што има разлика. “- истакна Тунтев.

Тунтев рече дека има разлика во пристапот кон сопствените сограѓани, во начинот на комуникацијата со сопствениот народ.

„Вработените во државната и во јавната администрација, во локалната самоуправа, по јавните претпријатија и по државните институции, во изминатиот период константно беа заплашувани, уценувани и предупредувани да носат гласови за власта, доколку сакаат да ги задржат своите работни места и позиции. Директори на јавни претпријатија и раководители на сектори од општината, не само што се закануваа, уценуваа и вршеа секојдневни притисоци, туку и одеа по куќи и плаќаа пари за купување на гласови кај одредени социјално ранливи категории на граѓани и етнички групи. Раководните лица од ДПМНЕ во Охрид отворено на организирани собири им се закануваа на вработените во образованието и здравството во Охрид, а болниците, училиштата, јавните претпријатија и локалната самоуправа ги претворија во локални месни комитети за партиски, наместо за работни задачи. Директорите и советниците беа терани да клеветат, да лажат и да ја извртуваат вистината, само за да се обидат да ги оцрнат, дискредитираат и навредат кандидатите на политичките опоненти. Сопствените кандидати ДПМНЕ ги претстави како лидери во локалното здравство, како заслужни за некакви наводни успеси и потрошени големи народни пари, небаре болниците и другите здравствени установи се нивна приватна или партиска своина. Во изминатите месец првите луѓе во општината покажаа дека за време на изборна кампања знаат да работаат само за граѓаните од ДПМНЕ, а не за сите граѓани, иако не се работи за локални, туку за претседателски и парламентарни избори.“– рече Тунтев.

PressTuntev_2

Тунтев додаде дека имало разлика во кандидатите за пратеници од Охрид – кандидатите од СДСМ, за разлика од кандидатите од ДПМНЕ, како што кажа никогаш не промениле политичка партија поради лични интереси и никогаш не добиле работа или никаква функција поради тоа што се членови на политичка партија.

„Има разлика и во политичкото делување на партиите, кое во ДПМНЕ е сфатено како одлична можност за лично и партиско богатење. За личното богатење, кое, како што видовме, се мери со милиони евра, првите луѓе во ДПМНЕ еден ден ќе одговараат пред надлежните органи, исто како што ќе одговараат и за енормното трошење на народните пари за партиски цели. Само за 3 месеци, пред овие избори, ДПМНЕ се стекнала со имоти, станови и деловни простории во вредност од над 1 милион и 600 илјади евра. Само во еден ден, во декември минатата година, биле купени имоти во вредност од над 800 илјади евра во Кисела Вода, во Аеродром, во Радовиш, во Виница, истиот ден кога во Охрид се купени два деловни објекти, на атрактивни локации во градот, по вкупна пазарна вредност од над 300.000 евра. Има разлика и во перцепцијата за вредноста на народните пари, што се трошат на непродуктивни и непотребни квазиуметнички проекти. Со 500 милиони евра потрошени за споменици за умрени луѓе само во еден град можеа да се изградат над 300 километри автопатишта за живите луѓе и да се поврзат сите поголеми градови. Да не посадеа една жалосна врба во Вардар, во вредност од над 200 илјади евра, со тие пари можеа до сега три пати да го купат мамографот за охридската болница, што го ветуваат три изборни циклуси по ред (прилог). Има разлика и во начинот на обезбедување на потребните гласови, преку запишување на фантомски гласачи – граѓани со двојни лични документи, што се уфрлени во избирачкиот список на адреси каде што воопшто не живеат или на непостоечки адреси. Еве само неколку примери, кои го потврдуваат потенцијалниот изборен фалсификат (прилог). Такви примери има многу.“- посочи Тунтев.

Тунтев кажа дека имало разлика и во практикувањето и почитувањето на законите на државата.

„ДПМНЕ за време на изборни кампањи ветува проекти за фабрики, ветува вработувања на илјадници луѓе, ветува изградба на инфраструктурни објекти, ветува патишта, базени, скијачки центри, марини и пристаништа, иако имаше цели 8 години да ги реализира тие проекти… но, наместо тоа, по неколку пати ги ветува истите проекти, кои никогаш не ги реализира… троши народни пари за да ја критикува, оцрнува и сатанизира опозицијата… и не само тоа – за време на избори асфалтира, реконструира улици и тротоари, гради канализации, вработува волонетри, користи службени возила, простории и средства за партиски цели, склучува протоколи за соработка со пензионерите, одржува наводни стручни медицински предавања само за да ги промовира незаконски своите кандидати, и‘ поставува прашања на опозицијата наместо да и‘ дава одговори на јавноста за својата (не)работа и многу други недозволени работи. На општинските советници ДПМНЕ незаконски им доделува дејности од извршната власт, а ингеренциите на извршната власт ги затскрива зад незаконски одлуки на советничкото мнозинство. Притоа, и директорите, и советниците, манипулираат со јавноста, ширејќи невистини и ноторни лаги за надлежностите на извршната и нормативната локална власт (прилог). Значи, навистина има разлика. И добро е што има разлика, и фала му на Бога што има разлика, затоа што токму таквата разлика ќе и‘ овоможи на охридската јавност да ги казни ароганцијата, несовесноста и непрофесионалноста на ДПМНЕ и да им даде шанса на демократските вредности, економскиот развој и напредокот во нашата држава. За да се спречи масовното иселување на нашите млади и стручни кадри, за да се намали сиромаштијата, за да се запре мизеријата, за да се сопре меѓусебната омраза и поделбите, за да се зголеми животниот стандард на наслението, за да се спречи казнената политика врз бизнис секторот и врз нашите граѓани, за да ги снема заканите, уцените и притисоците, како и за да се спречи понатамошното безумно финансиско задолжување на државата.“– рече Тунтев.

Тунтев во недела, ги повика граѓаните да го победат стравот и сомнежот, да се охрабрат и да го остварат своето со устав загарантирано право.

„Излезете сите, излезете масовно на избори и гласајте за Стево Пендаровски за претседател, број 3, и за кандидатската листа на пратеници од СДСМ, број 1. Носител на нашата листа е Васко Ковачевски, нашиот колега од Битола, а од Охрид на второ место сум јас, на седмо е Ѓоко Танасоски и на 19-то е Мишел Силјаноски. За да не се повтори првиот круг од претседателските избори, кога наместо слободно изразената волја на народот добивме резултати од купени, изнудени и фалсификувани гласови, во недела имаме историска шанса да се определиме за промени. Никој не може да види и да знае за кого сте гласале, никој нема да види и да знаае за кого ќе го дадете својот глас, па затоа во недела гласајте – не онака како што Ви вели, присилува и наредува власта, туку онака како што чувствувате во Вашата душа. Само слободно изразената волја на граѓаните може да ни донесе добро, прогрес и напредок на сите – и нам, и на нашите деца.“– заврши Тунтев.

WebOhrid