МЗТ Скопје Аеродром го одигра последниот натпревар сезонава во АБА лигата, а откако пред домашните навивачи во СЦ „Борис Трајковски“ загуби со 87-95, сега останува само на теорија и надеж за поклопување на резултатите на другите средби, за задржување на посакуваното шесто место на табелата.
И покрај слабата реализација на самиот почеток, МЗТ предводен од Тодор Гечевски и Дамјан Стојановски пред крајот на првата четвртина направи пресврт и поведе со 20-17. Изгледаше дека МЗТ ќе може да ги контролира случувањата на теренот, а со тоа и резултатот, сепак гостинскиот состав со неколку прецизни шутеви од далечина повторно се вратија во водство кое го одржаа до крајот на полувремето (43-38). Шутерското шоу на играчите на Раднички продолжи и во третата четвртина, кога гостите ја направија и клучната предност. МЗТ играше борбено во одбрана, но немаше решение за шутот на противникот, а грешките во нападот не дозволија посериозно резултатско приближување, со што Раднички ја задржа предноста и победи со 95-87.
Тодор Гечевски со 16 поени беше најпрецизен во тимот на МЗТ, каде уште двоцифрен број на поени постигнаа и Шеховиќ, Синовец, Дамјан Стојановски и Цветковиќ. МЗТ настапи без суспендираниот Ѓорѓи Чековски, а за хендикепот под кошевите да биде поголем, поради болест отсуствуваше и Иван Маринковиќ, што имаше големо влијание во играта. Иван Мариновиќ беше носител на играта на Раднички со дури 18 асистенции, а од стрелците, Калиниќ, Млаѓан, Лешиќ, Бирџевиќ и Бркиќ постигнаа двоцифрен број на поени.
МЗТ и по овој пораз останува на шестата позиција, но доколку сака да ја задржи, ќе мора да се надева на порази на Игокеа, Унион Олимпија и Мега Визура кои своите натпревари ги играат денес и во понеделник.
Пред почетокот и за време на натпреварот, навивачката група на МЗТ го поздрави Тодор Гечевски на кого, како што објави клубот, ова му беше последен меч во АБА лигата. Пред стартот на натпреварот му беше врачен мал подарок, а за време на средбата, на трибините се појави впечатлива кореографија со пораката „Маестро Тодор Гечевски“. Гечевски е најдобриот играч во историјата на ова натпреварување и рекордер во трите најважни статистички категории – број на индексни поени, број на постигнати поени и прифатени скокови.