Во текот на 12-тата недела од 2014 година (од 17.03.2014 – 23.03.2014 година), во Република Македонија се пријавени 1.142 (МБ 5,6/10.000) новозаболени од грип / заболувања слични на грип, што е намалување за 34,7% во однос на минатата недела и 32% намалување во споредба со бројот на заболени во 12-тата недела минатата сезона.
Во однос на просечниот број на заболени за оваа иста недела во изминатиот 10-годишен период, се бележи зголемување за 76,2%. Во сезоната 2013/2014 (заклучно со 12-тата недела, 2014 година) вкупниот број на заболени од грип во републиката изнесува 27.552 (МБ 134,1/10.000).
Во споредба со истиот период минатата година, постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи во сезоната за 25%, а во однос на просекот за 10-годишниот период се регистрира зголемување за 58%.
Во текот на 12-тата недела нема регистрирано смртен случај асоциран со инфекција со вирусот на грип, а вкупниот број на починати лица во оваа сезона останува 12.
Дистрибуцијата на заболените од грип по месеци, покажува дека во месец февруари се пријавени најголем број на случаи и со симптоми на грип – 52,2% од вкупниот број во целата сезона. Во месец јануари регистрирани се 24,7% од заболените.
Најголем број на заболени во текот на оваа сезона се регистрирани на територијата на ЦЈЗ Скопје – 3.928 заболени и ЦЈЗ Прилеп – 3.822, а најголем морбидитет (734,4/10.000) е регистриран во ПЕ Кавадарци.
Дистрибуцијата на заболени и морбидитетот по возрасни групи во сезоната 2013/2014 покажува најголем број заболени во возрасната група од 15-64 години – 65,3%, а најголем МБ (230,8/10.000) е регистриран кај децата до 4-годишна возраст.
Во текот на 12-тата недела од 2014, до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ пристигнати се 10 материјали за тестирање на грип, од кои 7 биле позитивни. Докажани се двата поттипа на инфлуенца А вирусот – A/H1N1pdm 09 и А/H3N2, како и инфлуенца Б вирусот.
Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 197 хумани материјали, од кои 122 или 61,9% биле позитивни на вирусот на инфлуенца.
Од позитивните, 90,2% материјали се конфирмирани како инфлуенца А, а кај 9,8% е докажано присуство на инфлуенца Б вирусот.
Од инфлуенца А позитивните, 17,3% се конфирмирани како инфлуенца A/H1N1pdm 09, 34,5% материјали се позитивни на инфлуенца А/H3N2, а 48,2% се нетипизирани инфлуенца А вируси.
Активноста на вирусот на инфлуенца континуирано се намалува во последните четири недели. Бројот на пријавени случаи на грип/заболувања слични на грип во Македонија е над просекот за десетгодишниот период 2003-2012. Се очекува трендот на намалување на активноста на вирусот на грип да продолжи и во наредниот период.
Во циркулација се двата типа на вирусот на инфлуенца – А и Б, со доминација на вирусот на инфлуенца А.
Во електронскиот неделник на WHO – Euroflu за 11-тата недела, се наведува дека продолжи трендот на намалено пријавување на лица со грип/заболувања слични на грипот и со акутни респираторни инфекции во целиот регион. Најголемиот дел од државите пријавуваат ниска активност на вирусот на инфлуенца во 11-тата недела.
Процентот на позитивни тестирани примероци се намалува. Во Европскиот регион на СЗО ко-циркулираат и двата типа на инфлуенца А, A(H1N1)pdm09 е доминантен во северниот дел од регионот, а A(H3N2) во источниот дел, но и во неколку други земји.
Најголемиот број на хоспитализирани случаи припаѓаат на возрасната група од 0-4 години, а втора недела по ред, опаѓа бројот на позитивни тестирани за грип пациенти со SARI. Од почетокот на сезоната, 7 земји пријавиле 3.945 хоспитализации на пациенти, кои биле лабораториски позитивни на грип: 99% како резултат на инфекција со инфлуенца A – воглавно A/H1pdm09) и 1% со influenza B.
Пет земји пријавиле вкупно 324 смртни случаи, 99% поврзани со инфекција со инфлуенца A (од субтипизираните, 81% – A/H1pdm09 и 19% – A/H3) и 1% со инфлуенца B.