Вчера (29.03.) Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со ЈО од Основното Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, реализираше криминалистичка обработка, која се спроведуваше со цел сузбување на повеќе члена организирана криминална група која преку организиран меѓународен канал подолг временски период вршела криумчарење на мигранти од Р.Грција во Р.Македонија. За сузбивање на криминалната група која делувала на територијата на Р.Македонија и која била дел од меѓународна криминална мрежа, се применуваа посебни истражни мерки.
Според документираните саознанија Организатор на криминалната група од Р.Македонија, е лицето У.В. (38) од Кавадарци државјанин на Р.Македонија, заедно со лицето Р.Р.М. (26) државјанин на Пакистан, барател на азил во Р.Македонија и со престојувалиште во Центарот за азиланти во Скопје. Тие со умисла и од користољубие, а со цел стекнување на противправна имотна корист ја организирале криминална група која подолг временски период се занимавала со криумчарење на мигранти од Р.Грција во Р.Македонија, организирале нивно прифаќање во Гевгелија и потоа нивно превезување до Скопје и Куманово. Мигрантите по потекло биле од Сирија, Aвганистан, Пакистан, Судан, и други земји од блискиот и далечниот исток, кои веќе престојувале во Р.Грција по основ на лица бегалци и лица баратели на азил, и кои од Р.Грција, илегално биле криумчарени на територијата на Р.Македонија, со цел нивно понатамошно криумчарење на територијата на Р.Србија.
Криминалната група во вршењето на кривичните дела ја помагал Е.Б. (39) од Кавадарци, вработен како полициски службеник во МВР на РМ, СГРМ-РЦ Југ- во ПС за ГКи ГН Богородица, кој злоупотребувајќи ја службената положба, на организиран начин преку илегални премини овозможувал безбедно криумчарење на мигрантите од Р.Грција во Р.Македонија. За потребите на криминалната група вршел извидување на теренот и определување на „безбедни термини, временски период и место“ од каде што во координација со останатите членови на криминалната група вршеле прифаќање и понатамошно превезување на мигрантите со ПМВ. Останатите членови на криминалната група С.Б. (39) М.Ф. (38) и А.К. (22), сите од Кавадарци, кои го вршеле транспортот на мигрантите, по претходни упатства и насоки давани од страна на организаторот на групата У.В.
Завчера, на 28.03. по претходен договор криминалната група организирала прифаќање на девет лица – мигранти, во Гевгелија, кои ги сместиле во две посебни ПМВ со цел нивно понатамошно превезување, за сума од 120 до 150 евра која требало да ја плати секое лице мигрант. Наредниот ден на 29.03. во раните утрински часови во близината на наплатната рампа во Велес, двете возила биле запрени од страна на полициски службеници, при што помеѓу деветте идентификувани мигранти од Авганистан, според првичните лични податоци кои се дадени од страна на лицата идентификувани се и три деца на возраст од 10, 16 и 17 години. Од членовите на криминалната група со потврда, привремено се одземени три патнички моторни возила, телефонски апарати и СИМ картички, предмети за кои постојат основи за сомневања дека се предмет на кривично дело.
Во текот на денешниот ден беше извршен претрес на дом врз основа на Наредба на Судија на претходна постапка на две локации во Кавадарци, а по завршување на дејствијата до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, е поднесена кривична пријава за шестмината осомничени и истите ќе бидат спроведени до Основниот Суд Скопје 1 Скопје. На шестмината пријавени од страна на Судија на претходна постапка им е изречена мерка притвор.