Обука за борба против трговијата со фалсификувани медикаменти

Во Центарот за обука при МВР во Идризово од денес до 02.04 експерти од француската Национална жандармерија ќе ја реализираат специјалистичката обука за борба против трговијата со фалсификувани медикаменти. “Проблемот за кој денеска зборуваме добива на тежина и се почесто надлежните институции се соочуваат со потреба од негово решавање. Затоа оваа обука очекуваме да значи нов квалитет во работењето на службите кои се надлежни да постапуваат по оваа проблематика“, истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска којашто заедно со амбасадорката на Франција во РМ, г-ѓата Лоренс Оер присуствуваше на почетокот на обуката, која ќе се реализира во рамки на годинешнава програма за соработка со амбасадата на Франција во РМ.

Во наредните денови 17 претставници од МВР и по еден претставник од министерствата за правда и за здравство, како и претставник од Царинската управа на Република Македонија, ќе се едуцираат по однос на проблематиката и техниките за работа во борбата против овој специфичен вид криминал, кој што е во драстичен пораст како во Франција така и во останатите западноевропски земји.

Во текот на минатата година во Република Македонија се запленети 719 разновидни пакувања со лекови без бандерола со сомнително потекло од Косово, по што е поднесено пријава против едно лице, управител на аптека од Македонија. Во 2012 година меѓу другото запленети се 3.952 парчиња разни видови таблети, но ниту едно од пакувањата не поседувале соодветни документи.