МОН ќе ги поврзува стручните училишта и компаниите

За да го поврзе средното стручно образование со пазарот на трудот, да им овозможи реална пракса на учениците со која тие полесно ќе се вработат, Министерството за образование и наука отвора електронската адреса praksa@mon.gov.mk. За неа и за сите стручни насоки и училишта во Македонија, Министерството ќе ги информира сите компании.

„Доколку компаниите имаат потреба, ќе пријавуваат на таа и-мејл адреса, а ние како ресорно министерство во соработка со општините ќе склучуваме меморандуми за соработка со компаниите и ќе им обезбедуваме реална пракса на учениците. Ова е макотрпен процес зашто 20 години во РМ се промовираше само општото, гимназиско образование, а многу помалку стручното образование“, рече министерот Спиро Ристовски, кој денеска го посети средното стручно модуларно училиште „Илинден“ во истоимената општина, кое почна да работи во оваа учебна година.

Училиштето и општината самоиницијативно соработуваат со компании и веќе имаат склучено четири меморандуми за соработка (со „Џонсон контрол“, „Џонсон Мети“, „Ван Хул“ и со МЕПСО), каде што учениците од Илинден одат на пракса. Тие се остручуваат во насоката електротехничар, а компаниите постојано го следат нивниот квалитет и капацитет, со што им се отвора пат до работно место во компаниите.

„ Импресивно е тоа што го видов во ова училиште. Ова е вистински потег на општината и пример што треба да го следат и други општини, градоначалници и директори на стручни училишта… Ќе бидеме максимално фокусирани во наредниот период ова да стане обврска на самите училишта да реализираат пракса преку склучување меморандуми за соработка, не само формално, туку за вистинско спроведување“, истакна Ристовски. Училиштето „Илинден“ има 63 средношколци во прва година.

Во Конкурсот за 2014/2015 повторно се планирани две паралелки со вкупно 68 ученици за две насоки – електротехничар за електроника и телекомуникации и електротехничар за компјутерска техника и автоматика. Овие профили се потребни во Илинден зашто во општината се наоѓа слободната економска зона и работат неколку фабрики, а ако има потреба квотите ќе бидат проширени.

Градоначалникот Жика Стојановски изјави дека ја слушнале потребата на бизнис-заедницата и таков е кадарот што се формира во нивното училиште.

„Тоа им дава перспектива и иднина на сите ученици. Многу знаење во комбинација со практика. Практичната настава ќе се обезбедува во најголеми компании во Илинден и пошироко, со цел учениците по завршување на четвртата година да излезат со многу знаење и практика за да може веднаш да влезат во процесот на производство. Тоа е крајната цел зашто така се намалува невработеноста“, рече Стојановски.

За да се ориентираат кон стручното обрзование, со кое ќе имаат поголеми шанси за вработување, апелираше и Дарко Велков од Советот за стручно образование. Тој ги повика родителите на основците во завршни години (осмо и деветто) добро да размислат каде да ги запишат децата и правилно да ги насочат. – Повеќе од 90 отсто од побарувањата на пазарот на трудот се од стручното образование…. Доколку не го насочиме правилно нашето дете, тоа се изгубени години. Има кариерни советници, треба да се направат тестирања на јаките страни на нашите деца и да влијаеме да не ги изгубиме годините, зашто пазарот на трудот е безмилосен, рече Велков. За привлекување на учениците во средното стручно образование, МОН воведе нови 13 струки во конкурсот за 2014/2015, а за негово реформирање во изминатите години има и повеќе инвестиции.