Министерството за внатрешни работи во борбата против организираниот криминал и криумчарењето на цигари, вчера реализираше случај на заплена на 19.480 кутии цигари во вредност од околу 40.000 евра со што е сузбиена криминална група која подолг временски период вршела прекуграничен криминал односно криумчарење на акцизна стока – цигари од Р.Македонија во Р.Бугарија.
На почеток на акцијата од страна на униформирани полициски службеници во близина на граничен камен 62 во делот на дражавната граница на Р.Македонија со Р.Бугарија беше поставена оперативно – тактичка мерка „заседа“ за спречување прекуграничен криминал, односно криумчарење акцизна стока во зелениот појас. При обидот на полициските службеници да сопрат ПМВ „Форд Експлорер“ со бугарски регистерски таблици, кое се движело во правец на с.Панчарево, Делчево, возачот на истото управувајќи го возилото го насочил кон полициските службеници со намера да ги прегази, ја пробил заседата и се дал во бегство. Во моментот на пробивање на заседата од страна на полициските службеници согласно полициските овластувања употребено е огнено оружје. По половина час потрага возилото е пронајдено, напуштено, откако неконтролирано удрило во дрво покрај патот. Продолжено е со потрага по лицата, при што се пронајдени две лица кои претходно се дале во бегство. Станува збор за Д.К. (24) од Крива Паланка кој е пронајдено во плевна во близина на с.Панчарево, додека второто лице В.П. (31) од Пехчево е пронајден во шумските предели над с.Панчарево.
На местото на настанот кај пронајденото возило извршен е увид, кадешто во возилото се пронадени 19480 кутии цигари и тоа 6500 кутии цигари од марката „Мерлин Слимс“ без акцизна маркица – бандерола и 12980 кутии цигари од марката „Јорк“ со македонска акцизна маркца – бандерола.
Од преземените оперативно тактички мерки и извршени криминалистичко-истражни активности, утврдено е дека организатор на транспортот на наведените цигари е Б.А. (31) од Крива Паланка. При потрагата по него, истиот управувајќи патничко моторно возило Ауди А3 со кривопаланечки таблици и обидот да биде сопрен, не застанал на две полицски патроли во Делчево и една сообраќајна патрола во Виница. Нешто подоцна, тој е пронајден и приведен во ПС Крива Паланка.
Случајот е превземен од страна на надлежен Јавен обвинител ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, по што врз основа на претходно обезбедени Наредби за претрес од надлежен Судија за претходна постапка, извршени се вкупно 12 претреси во дом и други простории, од кои 9 претреси на подрачјето на Крива Паланка и 3 претреси на подрачјето на Делчево, при што пронајдени и одземени со потврда за привремено одземени предмети се 40 кутии цигари –марка ЛД, 14 патрони за ловна пушка, едно ПМВ марка Ауди А3, како и телефонски апарати и сим картички.
Во врска со случајот од слобода се лишени и задржани во полициски станици Крива Паланка и Делчево се лицата Д.К., В.П., Б.А., потоа Б.А. (23), М.Р. (23), Д.Т. (22), М.Ѓ. (22) сите од Крива Паланка како и И.Д. (25) од село Драмче делчевско.
Уште четири други лица не се обезбедени и истите се наоѓаат во бегство и за истите се превземаат мерки и активности за нивно пронаоѓање.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција на 04.02.2014 година денеска достави Известување во кое даде образложение за криминалните активности на осомничените. Истите, според досегашните сознанија, делувајќи како криминална група, по претходен договор организирале криумчарење на акцизна стока-цигари од Р.Македонија во Р.Бугарија.
Во координација со надлежен ЈО од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, МВР продолжува да презема оперативно-тактички мерки за пронаоѓање на членовите на групата кои се во бегство, како и расчистување на криминалните активности и обезбедување на докази против сите лица-членови на истата за делата кои ги вршеле изминатиот период.