Министрите Наумоф и Ивановски на состанок на Бордот на директори на „Македонија 2025“

Дополнителните стратегии за соработка со „Македонија 2025“ кои ќе водат кон промоција на економскиот раст и развој на Македонија беа тема на разговор на состанокот на Бордот на директори на „Македонија 2025“ во Чикаго на кој присуствуваа и министрите за странски инвестиции и за информатичко општество и администрација, Џери Наумоф и Иво Ивановски.

Целта на состанокот беше Бордот на директори да ги објави своите планови за 2014 кои ја вклучуваат и блиската соработка со просперитетни академски институции во Северна Америка.

„Во текот на изминатите неколку месеци „Македонија 2025“ помогна во процесот на остварување на многу контакти со компании од приватниот сектор кои се заинтересирани за развивање на нивниот бизнис во Македонија“, изјави Наумоф по средбата.

На состанокот како гостин присуствуваше и министерот за информатичко општество и администрација Ивановски, кој даде свое мислење како „Македонија 2025“ може поефективно да соработува со Владата на Република Македонија за да се подобри заедничкиот интерес за забрзан економски развој, преку промоција на инвестициски можности, развој на претприемништвото и едукативните програми како што е програмата на „Kellogg School of Management“.

Инаку, министерот з Наумоф, кој воедно е и почесен член на бордот на „Македонија 2025“, деновиве престојува во Соединетите Американски Држави и Канада со цел да го промовира економскиот развој на Република Македонија.