Приведени двајца нарко дилери, запленети – марихуана, екстази, кокаин

Министерството за внатрешни работи во борба против организираниот криминал односно борбата насочена против уличните дилери во рамките на акција „Мрежа“, вчера реализираше случај на недозволена трговија со марихуана и синтетичка дрога при што запленети се околу 4 кг марихуана, 353 таблети екстази (во форма на срце, триаголник и круг) во различни бои, 15 пакувања бела прашкаста материја за која се претпоставува дека е кокаин, 200 зипер кеси и 2 дигитални ваги. Запленетата дрога била наменета за улична продажба на домашниот нарко пазар.

Имено по добиено сознание дека две лица, Б.Б. (28) и Б.А. (30) од Гостивар, познати на службата како улични дилери, се собираат во руинирана куќа во с. Церово, односно во последно време со возило Опел астра со гостиварски таблички, сопственост на еден од нив, често ја посетувале куќата, иако во истата неможе да се живее преземени се оперативни активности за документирање на таквите сознанија. Изготвен е план, при што на подрачјето на Гостивар преземени се мерки и со наредба од судија на претходна постапка извршен е претрес во куќата која гласи на име на таткото на Б.А.

Од страна на полициски службеници извршен е претрес на објектот кој лицата го користеле како бункер за чување на наркотична дрога, при што пронајдена и одземена е наведената наркотична дрога. Одземената непозната прaшкаста тревкаста материја и таблетите се предадени во Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења при МВР на РМ заради понатамошно вештачење.

Од страна на МВР на РМ до ОЈО Гостивар во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава против двајцата гостиварци поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело – “неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ казниво по член 215 од КЗ на РМ.

Двајцата веќе минуваат во казнената евиденција на МВР на РМ како лица кои се инволвирани во НТ со дрога за што им се поднесувани и соодветни кривични пријави. Во тек се преземање на мерки и активности за целосно документирање на случајот.

Инаку досега во рамки на операцијата „Мрежа“ во рок од една недела, приведени се над 30 лица и против нив се поднесени кривични пријави за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При претресите кај дел од нив пронајдена е поголема количина наркотична дрога, марихуана, семки од марихуана, рачно изработени цигари од марихуана, екстази, неколку пакувања хероин, метадон и друго.