Општина: Вработените во општинската администрација повеќе не се третираат како декор за на митинзи

Во врска со прес-конференцијата на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид во која стои:

„СДСМ продолжи со манипулација и заморување на јавноста. Сето што го кажаа беше својствено (за среќа на охриѓани) за едно минато и веќе свршено време.

Тоа е олицетворение на времето од владеењето на СДСМ, кога под силен притисок вработените во општинската администрација и вработените во училиштата, градинките и јавните претпријатија ги користеа за декор на митинзите на СДСМ.

Единствено нешто што сега се бара од вработените е да ги извршуваат работните задачи и проектите кои им се доделени. За разлика од тоа време, вработените  сега не се третираат како  декор за на митинзи.

Доколку постои некој врз кој е вршен притисок за некакви списоци или е применета сила за како што кажувате носење на гласови, го охрабруваме јавно да излезе и каже, а тоа да го потврди тоа низ соодветна постапка.

На СДСМ и препорачуваме да престанете да ја потценува и замара јавноста со нивните прес–конференции кои служат само за манипулирање и собирање на ситни политички поени.

Во Охрид, како никогаш до сега, се работи посветено. Општинската администрација и јавните претпријатија се целосно ставени во функција на граѓаните, а тие тоа најдобро го знаат.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.