Информативната табла ги спаси загубените туристи на Галичица

Доколку двајцата туристи се загубеа на планината Галичица по синоќешното невреме тешко дека ќе можевме навреме да ги спасиме, велат од Националниот парк „Галичица“, од каде со брза интервенција пред невремето и пред да заврне снег успеаја живи и здрави да ги пронајдат 23-годишниот Словенец и една година помладата Полјакиња.

Двајцата во текот на вчерашниот ден залутале низ планината, но успеале од една показна табла да прочитаат каде се, по што, околу 21:00 часот ја алармирале полицијата.
 
Ренџерите од НП „Галичица“ по дојавата успеале за половина час да стигнат до нив  во магла и силен дожд и да ги пронајдат.
 
„Туристите залутале сакајќи да ги видат убавините на Галичица, во северниот дел од паркот.  Акцијата започна околу 21 часот и 30 минути а заврши во 2 часот и 30 минути по полноќ. Добро е што застанале до табла и прочитале каде се наоѓаат“, изјави на прес-конференција Наумче Новески од НП „Галичица“.
 
Во акцијата за спасување учествуваше и Ѓуро Јовчески, ренџер водич во паркот, кој пред околу три години ги спасуваше и дехидрираните деца на планината Галичица.
 
„Работевме во лоши временски услови, во магла и дожд. Кога ги пронајдовме изгубените туристите, тие беа во шок и премрзнати, но беа контактибилни. Можеше да се случи и полошо бидејќи подоцна фати и  силно невреме. Им дадовме топла облека и влегоа во возилото. Веднаш потоа пристигнаа од  Црвениот крст, од Центарот за управување со кризи и граничната полиција од Ресен“, раскажа Јовчески.
 
Двајцата посетители на Националниот парк заминале на прошетка по куси панталони, несоодветно облечени, а дополнителна потешкотија во обидот да ги алармираат надлежните им создавало губењето на сигналот на одредени места во паркот.
 
„Временските прилики на планина постојано се менуваат од една во друга крајност. Затоа е опасно и треба да се внимава, не само во зима, туку и во лето, и секогаш кога се посетуваат планините. Опасно е движењето надвор од обележаните пешачки патеки“, предупредува Јовчески кој седум години е дел од ренџерската служба во паркот.
 
Од националниот парк „Галичица“ денеска апелираа до сите посетители, да го пријавуваат нивното влегување во паркот, токму поради можноста, доколку се загубат или се случи некој друг немил настан, нивните служби да можат веднаш да им излезат во пресрет.
 
„Не случајно ги воведовме влезниците во паркот по симболична цена од половина евро. Преку нив  ние ги евидентираме, можеме да ги следиме, им ги овозможуваме контактите со нашите служби, а имаме и најточна карта за Националниот парк“, вели Новески.
 
Според него, туристите кои доаѓаат на планинарење или рекреативни прошетки на Галичица, не ретко си обезбедуваат карти и мапи кои ќе ги пронајдат на интернет.
 
Извор: Супер радио