Археолошкото злато од Македонија претставено пред светската публика

Во престижниот национален Келтско-римски музеј во Манхинг, Република Германија синоќа во присуство на бројни гости од археолошката фела, градоначалници, конзули, дипломати и љубители на уметноста беше отворена меѓународната изложба со наслов „Златното лице на непознатиот македонски крал – Македонците и Келтите од брегот на Охридското Езеро”, проект кој се реализира со поддршка на Kомисијата за образование, аудиовизуелност и култура при Европската Унија во рамките на проектот „Clash of Cultures“. Германската, но и пошироката европска јавност во текот на наредните месеци ќе има можност да се запознае со извонредното културно богатство на Република Македонија. Организатор на оваа значајна изложба е Археолошкиот музеј заедно со Заводот за заштита на спомениците од културата и музеј од Охрид и Музеј на град Неготино, а во  соработка со „Келтен ромер музејот“ од Германија.

 Пред многубројната публика се обратија Весела Честоева, директорката на Археолошкиот музеј на Македонија, проф.д-р Виктор Лилчиќ Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство, г. Волвганг Давид, директорот на  „Кelten Römer Museum“ и професорот Митја Гуштин од универзитетот Приморска во Копар, Словенија. На свеченоста присуствуваше и Герхард Кругер, почесниот конзул на Р. Македонија во Германија.

-Од две древни места на територија на Република Македонија, од архајскиот и класичниот период допатуваа во Манхинг овие вредни предмети за да ни ја раскажат приказната за цивилизацијата. Денес пред вас е една петте златни маски на локалните кралеви, откриени во архајските некрополи на двата града Лихнид и Енхелана. Со маската од Лихнид патуваат и повеќе златни и други предмети од арахајската некропола на локалитетот Горна Порта во Лихнид, сведоци на луксузот, моќта и идеологија на кралот за неговиот пат кон вечноста. Од Лихнид во Манхинг дојдоа и клетските шлемови, железните штитови и долгите железни мечеви. Келтските воини на почетокот на 3 век пред н.е. на патот кон Делфи или по враќањето, застанале во Лихнид. Долговековниот келтски сон, пренесуван од колено на колено, дека не смее да се умре пред да се види Делфи, за нив запрел во Лихнид – рече Весела Честоева, директорката на Археолошкиот музеј на Македонија.

За важноста на артефактите и за нивната историска и археолошка вредност проговори и проф.д-р Виктор Лилчиќ Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство.

„Република Македонија е земјата од каде ги донесовме денес тука златната маска на еден благороден Енхелеец од градот на светлината Лихнид, златниот трезор од Тремник на Вардар и оружјето на Келтите кои го бранеле Лихнид во хеленистичкиот период. Територијата на Република Македонија во раната антика била најсеверната зона на Балканско-медитеранските рани цивилизации, кралствата на Македонците, Пајонците, Пелагонците, Линкестите, Енхелеите/Десаретите, Девриопите и Агријаните. Посебно ми е драго што денес пред Германската и Европската јавност , тука во Манхинг, донесовме дел од раноантичката, архајска цивилизација на Охридските (Лихнидските) Енхелеи, од класичната цивилизација на античките Македонци од Тремник на Аксиј (Вардар) во близина на античката македонска воена база Антигонеа (Неготино) што подоцна прераснала во цивилен град и предметите на пријателските Келти (Гали) кои несомнено своите животи ги положиле во одбрана на цивилизациската среќа на античкиот град Лихнид на Охридското езеро“ – рече проф. д-р Виктор Лилчиќ- Адамс.

Професорот Митја Гуштин од универзитетот Приморска од Словенија, кој долги години соработува со археолозите од Македонија, раскажа за драгите моменти со своите македонски колеги.

 На поставката се изложени 62 вредни археолошки предмети, во најголем дел златни, меѓу кои и ритуалната погребна маска од  почетокот на V век пред н.е. која со археолошките истражувања во 2002 година беше пронајдена на Горна Порта, Охридска крепост во Охрид, потоа златната нараквица, апликации во форма на диск, накит, сребрени сандали, двоколка, садови и многу други артефакти, сите од архајски период и најдени на Горна Порта. Од истиот локалитет пред очите на светската јавност е претставена и келтска воена опрема од III век пред наша ера, шлемови, копја, мечеви, штитови и други предмети. Меѓу вредните артефакти е и познатата статуа на Изида од алабастер од II век п.н.е. Наодите од с. Тремник од Неготино се исто така дел од поставката. Изложбата, која ќе биде отворена до 16 ноемви, е главен настан на Европскиот проект “Clash of Cultures”.

Станува збор за проект кој 2012 година беше одобрен од Европската унија (Education Audiovisual and Culture Executive Agency). Проектот е координиран од универзитетот Приморка во Словенија (проф. Митја Гуштин), а НУ Музеј на Македонија – сега НУ Археолошки музеј на Македонија- се приклучи како рамноправен партнер во проектот  во 2011 година. Во проектот како рамноправни партнери се јавуваат и Лошињски музеј од Р. Хрватска, Земаљски музеј од Сараево, Р. Босна и Херцеговина и Кelten Römer Museum во Манхинг, Р.Германија.