Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид во која стои:
„Многу лесно во изнесените ставови на последната прес конференција на СДСМ е забележлива фројдовска грешка и методолошки целосно погрешен пристап, бидејќи не знале како и што да и соопштат на јавноста, а тоа да биде издржана критика за работата на градоначалникот Бакрачески. Ние веруваме дека секоја содржина мора да има и соодветна форма, а секоја значајна книга мора да има и убава корица. Исто така убедени сме дека насловот (името) не е случаен, што во нашиов случај се вика ОТЧЕТ, а кој тие го критикуваат, без да го знаат неговото знечење, ниту по форма ниту по содржина затоа што, кога тие беа власт никогаш го немаа во својот вокабулар.
За волја на вистината, точно е дека ние “крпиме по некоја дупка“ од безбројните кои ги оставивте во управувањето со Општина Охрид, меѓу кои, финансиската е со големина на библиски размери. За среќа ние, за разлика од вас имаме и форма и содржина и програма и рокови во кои ги исполнуваме дадените ветувања пред граѓаните. Отчетот за кој толку многу зборувате, граѓаните го видоа и можеа многу лесно да ја увидат огромната разлика – она што новото општинско раководство на чело со градоначалникот Бакрачески го оствари за девет месеци, вие не можевте да го сработите за 8 години!
Во новата календарска година, темпото на работа и остварувањето на планираните проекти, продолжува со несмален интензитет. За тоа најдобро говорат следниве податоци: целесно уреден нов мал плоштад до црквата Св.Никола Болнички; поставување на лизгалиштето на градскиот плоштад (најфотографирана атракција во Охрид); уредување на 40 јавни површини – мали плоштади, паркови и игралишта – од кои целосно се завршени во Пештани, нас.Рача и Горна влашка маала; партерно и хортикултурно уредување во стариот дел од градот; реконструкција и асфалтирање на патот од Вапила до Сирула; асфалтирање на пристапни улици во Косел, Велгошти и Пештани; поплочување со бекатон плочки во Коњско и Пештани; Изградба на фудбалски игралишта во Лескоец и на СРЦ Билјанини Извори.
Граѓаните на Охрид сработеното го гледаат и знаат да го ценат. Затоа, пред истите тие граѓани ја повикуваме ОО на СДСМ од Охрид, после 3 години, повторно да свикаат прес конференција и да зборуваат за ОТЧЕТ-от и реализираните проекти. Се разбира, сметаме дека за тоа ќе ja имаат потребната доблест и минимум политичка коректност.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.