Мали и средни компании и околу 50-тина студенти од универзитетите во Македонија денеска ќе се запознаат со најновите технологии за програмирање во HTML 5, кој моментално е најбаран.
Еднодневната обука во Скопје ќе ја реализираат експерти од „Интел“ корпорацијата, на барање на Министерството за информатичко општество и администрација.
„Оваа идеја произлезе од соработката што ја имаме со „Интел“. Побаравме од нив да испратат вакви експерти со цел да ги подготват нашите мали и средни претпријатија за новините во ИТ технологијата за да може потоа тие да се подготват соодветно и врз база на тоа да го креираат својот бизнис“, изјави министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски пред отворањето на обуката.
Според него, Македонија има голем потенцијал во информатичко-комуникациската област и инвестира во младите генерации кои имаат афинитет и способност да се занимаваат со ИКТ.
„Според последните истражувања, во следната деценија светот ќе создаде милијарда нови потрошувачи. ИТ компаниите со голема брзина работат на промените кои се неопходни. Оттаму велат дека ќе има недоволно човечки ресурси кои ќе го следат развојот на технологијата. Тоа е шанса за сите вас. Вашите идеи, вашиот труд и работа, може да бидат исплатливи,“ им порача Ивановски на слушателите на обуката.
Претседателот на ИКТ комората на Сојузот на стопански комори Саша Огненовски истакна дека има голем интерес за оваа обука и изрази надеж дека МИОА и во иднина ќе организира вакви обуки со реномирани компании.
„Мораше да направиме соодветна селекција и жал ми е што не можевме да им излеземе во пресрет на сите, но верувам дека ова ќе биде поттик за МИОА во иднина да организираат вакви обуки со компании како што е „Интел“,“ изјави Огненовски.
По денешната обука, следува натпревар во кој компаниите ќе прават сопствени апликации, а на 30 мај ќе бидат избрани најдобрите.