Граѓаните на Македонија денеска по петти пат од самостојноста избираат претседател. Правото на глас ќе можат да го остварат на 3.480 избирачки места. Гласачките места се отворени од седум часот, а ќе бидат затворени во 19 часот.
Граѓаните ќе можат да избираат меѓу четворица кандидати, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е досегашниот претседател Ѓорге Иванов, на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, на коалицијата ГРОМ Зоран Поповски и Илијаз Халими од ДПА.
За претседател ќе биде избран кандидатот кој на првиот круг од изборите односно денеска ќе освои мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани гласачи. Ако никој не го добие потребното мнозинство, по 14 дена, на 27 април, ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови. Ќе победи тој што ќе освои повеќе гласови под услов на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело.
Оваа година првпат на претседателски избори право на глас имаат и македонските државјани во странство, кои гласаа вчера на 34 избирачки места во изборните единици 7 (Европа и Африка), 8 (Северна и Јужна Америка) и 9 (Австралија и Азија). Пријавени за гласање беа 8.332 македонски државјани кои работат и живеат во странство. Вчера гласаа и затворениците, лицата во домашен притвор, внатрешно раселените лица, војниците, како и 6.980 болни и немоќни лица.
За следење на претседателски избори се акредитирани 9.155 домашни и 489 странски набљудувачи, како и 222 преведувачи. За нив ќе известуваат и триесетина странски новинари.
Досега се одржани четири избори за претседател на Македонија, во 1994, 1999, 2004 и 2009 година.
Извор: Нет Прес