Заев: Продолжуваме поодлучно од кога било

Социјалдемократскиот сојуз поодлучно од кога било ја продолжува борбата за слобода и демократија, рече на прес конференција претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

„Цврсто влегуваме во втората фаза од предизборието кадешто се преклопуваат кампањите за претседателските и парламентарните избори. Јасно е. Вчерашните изборни резултати се резултат на систематскиот притисок на власта на Никола Груевски преку државните инструменти изминатите 8 години, и на ништо друго. Сепак, и покрај сите закани и уцени, вчера зад опозицијата застанаа околу 330 илјади граѓани на Република Македонија, што е растечка тенденција, а уште огромен број гласачи од разни причини остананаа дома. Ова е максимум на злоупотребите на власта врз гласачите. Во вториот изборен круг треба да ги мотивираме сите тие граѓани да го изразат својот став, којшто евидентно, со останувањето дома и порачува на власта дека ја нема нивната поддршка.Наша должност е да го разобличиме системот на Никола Груевски и да дадеме одговор на сите сомневања, претпоставки и дилеми. Јас ви тврдам дека Социјалдемократскиот сојуз работи на тоа и тоа ќе го направи. Ако некој има и најмала дилема како понатаму, одовде кажувам. Откажување нема. Вистинското лице на Никола Груевски и неговиот режим е разобличено. Ситуацијата и атмосферата на терен ја видовме со свои очи. Поддршката за кандидатот за претседател Стево Пендаровски е реална и огромна. Проверено е. Задоволни граѓани нема. Луѓето сакаат промени. И тутунарите и градинарите, и земјоделците, и кај јавната администрација на којашто и е смачено да гласа под уцени. Го споделуваа тоа со нас. Го споделуваа и оние 55 проценти од младите кои се невработени и очајните семејства на над 20-те проценти млади кои ја имаат напуштено земјава. Јасно му е и на бизнисот дека македонското стопанство е во рацете на оф-шор компании поврзани директно со фамилијата на Никола Груевски којашто функционира исклучиво за лични интереси. Го видовме и го слушнавме сето тоа и ете токму овие состојби се огромната мотивирачка сила што ја имаме кога велиме ОТКАЖУВАЊЕ НЕМА! Прашањето што си го поставуваат најголем дел од граѓаните, како тогаш победува Никола Груевски, ви тврдам ќе биде разобличено. СДСМ ја презема обврската тоа да го стори во име на доброто на сите граѓани во државата, во име на демократијата во Македонија и во име на Република Македонија. На сите вас кои покажавте црвстина и излеговте да ги поддржите промените и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски кој несомнено ја освои Македонија и на вас кои не излеговте на гласање ви најавувам. ОД ДЕНЕС ПОЧНУВАМЕ ОД НУЛА! Власта во ова второ полувреме од кампањата влегува со психолошка предност, но ние влегуваме со силна одлучност да го откриеме докрај криминалот на власта. Наредните денови сите ќе дознаат кој е главен креатор на криминалите во државата поради коишто пати нашиот народ.“– истакна Заев.

Заев ги повика граѓаните на енергичност и на цврста определеност да се изборат за како што рече – ПРОМЕНИТЕ ЗА НОВ ПОЧЕТОК во Македонија.

„Нема кој друг ако не Социјалдемократскиот сојуз заедно со граѓаните на Македонија. Не чека вториот изборен круг од претседателските избори. Не чекаат и парламентарни избори. Ајде на работа. Секој да даде максимум од себе. За сите нас, за нашите семејства и за Република Македонија.“– додаде Заев.