Цветкоски: ВМРО-НП во својата програма посебен акцент става на грижата и заштитата на животната средина

ОК на ВМРО-НП денес одржа прес конференција, на која зборуваше кандидатот за пратеник Владо Цветкоски. Прес средбата беше посветена на заштитата на Охридското Езеро.

Како што кажа Цветкоски, ВМРО-НП во својата програма  посебен акцент става на грижата и заштитата на животната средина.

„Охридското Езеро претставува најголемото богатство на Република Македонија. Економскиот развој на охридско-струшкиот регион не може да се замисли без локалниот развој на  туризмот во Охрид и Струга. Охридското Езеро во таа концепција е клучниот фактор. Затоа најголема обрска на сегашниве и идните генерации е да се грижат за Охридското Езеро. Постојат 4 најголеми загадувачи на Езерото , а тие се:

1. Реката Сатеска

2. Коселска река

3. Грашница или Велгошка река и 

4. Недоизграденоста на колекторскиот систем и неизграденоста на атмосферската канализациона мрежа на подрачјето на општина Охрид.“– рече Цветкоски.

Пратениците на ВМРО Народна Партија при утврдувањето на буџетот за 2015 година ќе се залагаат да се одвојат 1 милион Евра за уредување на старото речно корито на реката Сатеска на потегот од с. Волино, па се до сливот во реката Црни Дрим.

„Со тоа ќе се постигнат два ефекти. Прво, нема да се загадува Езерото со фосфати и наноси кои  ги носи реката Сатеска. Второ, по текот на уреденото речно корито ќе се изведат соодветни градежни објекти кои ќе овозможат зафаќање на песокот и гранулатот кој го носи реката. Песоците кои ги носи реката ќе се претворат во разни гранулации кои можат да се користат при изградба на патната инфраструктура на ова подрачје. Коселска река е вториот најголем загадувач на Охридското Езеро. Загадувањето настанува од отпадните води, пестицидите и разните  хемикалии кои се сливаат во оваа река. За да се елиминира загадувањето на оваа река пратениците од ВМРО Народна Партија ќе побараат од новата влада на Република Македонија во новиот буџет да се одвојат дополнителни 1 милион евра, за да се изгради секундарна канализациона мрежа во селата Орман, Долно Лакочереј, Горно Лакочереј, Косел, Вапила и Ливоишта. Исто така пратениците на ВМРО Народна Партија ќе бараат да се утврдат наменски субвенции за насади од Киви и Јапонско јаболко. Како што ви е добро познато при одгледувањето на овие насади не е потребно да се третираат со хемиски средства и пестициди. Охридската котлина има идеални услови за одгледивање на овие видови овошје. Пазарите на Европската унија и Швајцарија може да го примат целокупното производство на ова овошје. Трет најголем загадувач на Охридското Езеро е реката Грашница која во горните текови е позната како Велгошка или Летничка река. За да се елиминира загадувањето од оваа река потребно е  да се уреди нејзиното речно корито по целата должина, почнувајќи од вливот на езерото па се до падините на Петрино. Паралелно со тоа треба да се доизгради канализационата мрежа на просторот од ул. Железничка  до  ул. Прилипска како и во одреден дел од с. Велгошти. За таа цел  од пристапните фондови на Европската унија ќе се обезбедат   3 милиони евра.“– истакна Цветкоски.

Како што рече Цветкоски, при атмосферски врнежи се оптоварувал колекторскиот систем и доаѓало до некотролирано истекување на отпадните води во езерото, годишно таа појава се случувала просечно 60 дена.

„Тоа е најповеќе изразено кај стадионот Грашница , кај каналот кај веслачкиот клуб и Подмоље, кај автобуската постојка за Струга на стариот пат. Причина за ваквата состојба е недоизградената атмосферска канализациона мрежа на подрачјето на општина Охрид и недоизграденоста на колекторскиот систем. Системот за заштита на Охридското Езеро е пуштен во употреба скоро пред 30 години во 1986 година. Пуштена е во употреба само првата фаза и оттогаш до сега не е изградена втората фаза. Втората фаза подразбира прошируавање на пречистителната станица за да има капацитет од 120 000 еквивалент жители и изградба на вториот магистрален цевковод кој треба да ги опфати охридските отпадни води. Охридските отпадни води сега се прифаќаат во струшкиот магистрален цевковод пред ППС Струга покрај мостот на реката Црни Дрим во близина на раскрсницата за Дебар и Ќафасан.  При обилни врнежи доаѓа до прелевање на отпадните води во Езерото затоа што, т.н Струшки магистрален цевковод не може да ги прифати охридските мешани отпадни води. За да се елиминира колекторот како загадувач на Езерото потребно де да се доизгради атмосферската канализациона мрежа во должина од 100 километри со што ќе се одвојат отпадните од отмосферските води. Оваа инвестиција заедно со инвестицијата за ревитализација и доизградба на колекторскиот систем ќе чини 15 милиони евра. Овие средстава не може да се обезбедаат од буџетот на Република Македонија, но може да се обезбедат од пристапните фондови на Европската унија.“– рече Цветкоски.

Цветкоски потсети дека во 2000 година, претседателот на ВМРО-НП Љубчо Георгиевски како премиер на Република Македонија го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија.

„Како резултат на тој договор во негово време се реализира проектот за заштита на Охридското Езеро во вредност од 20 милиони Г. марки односно во вредност од 10 милиони Евра. Затоа ние велиме ЕВРОПА СЕГА ! Целосната заштита на Охридското Езеро и ревитализацијата на Студеничишкото блато е можно само во време кога Македонија ќе го потпише Договорот за датум за челенство во Европската унија. Уште наредниот ден по потпишувањето на овој Договор ќе се отворат вратите на пристапните фондови од Европска Унија. Не смее да се одолговлекува тој процес ! Спасот на Охридското Езеро и Локалниот економски развој на југозападниот регион е во директна корелација со влезот на Македонија во Нато и Европската унија. ВМРО Народна Партија се ќе стори што е во нејзин домен,  што побргу да се случи тој ден.“- заврши Цветкоски.

VladoCvetkoski

 WebOhrid