Носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ во Петата изборна единица Антонио Милошоски денеска на средби со граѓаните во Ташмаруниште, Струшко, ја претстави програмата на партијата со фокус во делот на економијата.
„Најголем интерес во нашата програма има за економскиот дел, посебно за тие најавени 30 странски инвестиции коишто би отвориле директни 10.000 нови работни места и нормално, индиректни дополнителни вработувања на луѓе коишто ќе бидат добавувачи и ќе даваат одредени услуги на тие фирми“, рече Милошоски.
Тој се осврна и на проектите со кои се поттикнуваат инвестициите во туризмот.
„Голем интерес во струшко-охридскиот дел има и за туризмот за што предвидуваме поголеми поволности, поголема промоција и она што беше најавено да разговараме со компанијата „Визер“ за директни летови од Лондон до охридскиот аеродром, што во голем дел ќе значи зголемување на туристичката понуда во текот на целата сезона и повеќе од тоа и за Струга и за Охрид и за сите места во околината на нашето крајбрежје“, посочи Милошоски.