Црвен крст Охрид организира хуманитарна собирна акција

Во рамките на социјално-хуманитарната дејност, а по повод одбележување на Неделата на солидарност од 22 – 30 април 2014 година, под мотото „ВАШИОТ ПРИЛОГ – ЗНАЧАЈНА ПОМОШ“, Црвен крст Охрид, со цел подигање на нивото на свест на населението за потребната помош и поддршка на ранливото население, организира хуманитарна собирна акција за  обезбедување на помош во храна, облека, обувки, средства за хигиена, постелнина, детски играчки и парични средства, која ќе биде наменета за социјално загрозените лица, старите лица и лицата со посебни потреби од Охрид и Дебарца.

Од Црвениот крст Охрид апелираат и ги повикуваат нашите сограѓани, фирми и институции да ја покажат својата солидарност и хуманост и масовно да се вклучат во акцијата со:

– донирање на материјални добра, во просториите на Црвен крст Охрид улица „Димитар Влахов“ 52, во сите денови на траењето на акцијата вклучувајќи и сабота и недела од 8 до 15 часот.

– донирање на парични средства на мобилните тимови на Црвен крст Охрид составени од волонтери, обележани со обележја на Црвен крст Охрид, кои ќе бидат на повеќе јавни пунктови низ градот и ќе прибираат доброволни прилози од нашите хумани сограѓани, чија висина ќе биде назначена на соодветен памфлет.

– донирање на парични средства на жиро сметката на Црвен крст Охрид со назнака за „Недела на солидарност“.