Градоначалникот Бакрачески ги прими талентираните математичари од Охрид

Градоначалникот Никола Бакрачески денес во својот кабинет ги прими четворицата млади математичари: Теодора Бујароска, Виктор Домазетоски, Милан Крстески и Поликсена Тунтева кои  со постигнатите успеси по математика  на државно и регионално ниво се гордост за  градов и државава а со самото тоа  се и потенцијални добитници на светски награди и признанија од областа на математиката. Четворицата се ученици во гимназијата „Св. Климент Охридски“ и велат дека математиката е нивна животна определба односно идна  професија. Теодора Бујароска го освои првото, а Виктор Домазетовски второто место  на регионалниот и државниот натпревар по математика. Поликсена Тунтева и Милан Крстески на овие натпревари се закитија со признанија. На светски признатата македонско- математичка олимпијада, Бујароска се закити со сребрен  а Домазетоски со бронзен медал. 

Градоначалникот Никола Бакрачески кој им честита за постигнатите  резултати на натпреварите, рече дека нивните успеси  се гордост за  Охрид, потенцирајќи дека Општината секогаш ќе ги подржува талентираните ученици односно  во рамки на своите ингеренции ќе создава услови за нивна понатамошна  наобразба и усовршување.

„Наша цел и стратегија е да им помагаме на талентираните ученици во повеќе аспекти. Вие сте столбови и носители на нашето општество и затоа за вас сме секогаш тука.  Во рамки на нашите можности максимално ќе ве поддржуваме за секој ваш  образовен чекор што води до успех а со самото тоа напредок на општеството. Вие  и сите  останати талентирани ученици не сте сами, секогаш ќе ја добивате нашата максимална поддршка, затоа што вашите се и наши успеси зад кои како и вие гордо застануваме зад нив“, – потенцира градоначалникот Бакрачески, посочувајќи дека станува збор за генерален став кој локалното раководство го има од почетокот, и во тој контекст Општина Охрид веќе  реализира проект со кој додели стипендии за талентирани ученици и студенти чиј број се очекува да се зголемуваа секоја наредна година.

Градоначалникот, поразговара со младите математички таленти посочувајќи им дека треба да ги искористат добрите можности  кои за нивното образование ги нуди Владата на Република Македонија која во рамки на поддршка на талентираните ученици  ги  стипендира односно целосно ги финансира  сите студенти од државава  кои ќе  се  запишат на факултет или магистерски студии на еден од 100-те најпознати државни универзитети во светот.

На средбата беше разговарано и за добрите услови што во процесот на високото  образование ги нуди Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ како и за напорите кои ги прави Општина Охрид преку привлекување странски инвеститори со  цел да создаде услови теоретските знаења практично да се реализираат.

Градоначалникот Бакрачески и посака успешно учество на Теодора Бујароска која Охрид и државава ќе ги претставува на две олимпијади: Балканската и интернационалната кои ќе се одржуваат во Бугарија и во Јужна Африка истакнувајќи дека во рамки на своите ингеренции Општината ќе го поддржи нејзиното тамошно учество. Локалната ќе издвои средства и за патувањето на младите математичари во италијанскиот град Изео кој како и Охрид е член  на Асоцијацијата на градови покрај езеро.