Започна судскиот процес за петте станови на „Трудбеник“ кои беа предмет на заплена

Во Основниот суд во Охрид денеска започна судскиот процес за спорноста околу сопственоста на петте станови на АДГ „Трудбеник“ на улицата „Карпош Војвода“ во Охрид кои беа предмет на присилна наплата од страна на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија.

Застапничката на второтужениот – Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор истакна дека правото на сопственост се стекнува со упис на имотот во Катастарот на недвижности. Таа се повика дека Основниот суд во Охрид не е надлежен да расправа по овој предмет, со образложение дека тој што ја воспоставил приобелешката, може да ја острани.

Застапникот на тужителите односно на сопствениците на петте станови, појасни дека нивното барање се темели според Законот за облигациони односи.

„Таму се кажува дека штом се правата и обврските од купопродажбата на предметните станови, во поголем дел или во целост исполнети, иако ја немаат потребната форма и не биле запишани во Катастарот на недвижности, сепак имат право на сопственос. Де факто, тие се веќе сопственици и се стекнале со сопственичќкото право во моментот кога ги уплатиле средствата и се стекнале со купорпдажен договор, односна кога им било предадено владението,“ изјави адвокатот на тужителите-сопствениците на петте станови кои беа предмет на извршување.

Како што додаде тој, тужителите бараат и од првотужениот, АДГ „Трудбеник“, и од второтужениот, Јавното претпријатие за Стопанисување со станбен и деловен простор да им се признае правото на сопственост на сопствениците.

„Од „Трудбеник“ да ни се признае правото на сопственост и формата да претрпи упис на правото на сопственост од нивно на наше име, а од второтужениот, јавното претпријатие бараме истовремено да се тргне прибелешката бидејќи е очигледно дека не се работи за имот на АДГ Трудбеник, туку за имот на тужителите,“ појасни адвокатот на тужителите.

Сопствениците на пет станови од зградата на улица „Карпош Војвода“ изградена од АДГ „Трудбеник“ од Охрид, поради нерешени односи на релација „Трудбеник“ и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на почетокот од годинава се соочија со можна заплена на становите, иако, како што велат и како што беше приложено на денешното рочиште, поседуваат документи дека се целосно или во најголем дел платени.

Меѓу оштетените грашани има и родители со малолетни деца кои немаат каде да одат доколку им се одземат становите што уредно ги платиле пред повеќе од три години.

Проблемот беше актуелизиран минатата есен кога ним им беше одбиено барањето за издавање имотни листови со образложение дека односните станови се на листа на Јавнотото претпријатие за присилна наплата на долг што кон претпријатието го има АДГ „Трудбеник“.

Од страна на побарувачот беше ангажиран судски извршител, со налог да изврши попишување на становите, истовремено заканувајќи им се на сопствениците со можно иселување и заплена.Таквата постапка, сопствениците на петте стана ја обжалија пред надлежниот Основен суд во Охрид, кој согласно документите за купопродажба ја прифати жалбата и издаде решение со кое се забранува какви било активности од страна на извршителот се’ до целосно расветлување на случајот.

 Пресудата за овој случај ќе биде објавена на следното рочиште закажано за 30-ти април.

Извор: Супер радио