Работилница на тема „Говорот на омраза меѓу младите – моментална состојба и предизвици“

Министерството за внатрешни работи, согласно своите законски надлежности, во изминатите години во континуитет јасно ја декларираше својата позиција за нулта толеранција и превенција на говорот на омраза кај младите ангажирајќи се како во делот на нормативните решенија за анулирање на оваа појава, така и во делот на конкретните проекти и кампањи наменети за едукација и превенција од говорот на омраза. Бевме и остануваме доследен партнер во мисијата за искоренување на тоа зло“. Ова, меѓу другото, го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во денешното свое обраќање на работлиницата на тема Говорот на омраза меѓу младите – моментална состојба и предизвици“ што денес се одржа на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“, а во рамки на Националната кампања против говор на омраза.

Јанкулоска исто така нагласи дека МВР будно ги следи состојбите на ова поле при што констатираше дека како министерство досега успеавме, во доменот на нашите надлежности, успешно да ги предупредиме, алармираме и неутрализираме сите обиди или тенденции за посериозно инструментализирање на говорот на омраза во некои несакани правци.

“Всушност, свесни за последиците што со себе ги носи говорот на омраза, особено кај младите, ние како министерство посветено ги следевме и ги следиме оние дефинирани приоритети на Владата на Р. Македонија на ова поле, а тоа е: одлучно и бескомпромисно елиминирање на причините за таквото, би рекла социо-девијантно однесување, нивно детектирање и превенирање, со цел првенствено да ги заштитиме младите создавајќи еден, така да кажам, здрав општествен амбиент во кој што примарни ќе бидат почитувањето, разбирањето, прифаќањето и негувањето на различностите“, потенцираше министерката Јанкулоска.

Инаку, работилницата е организирана од Студентскиот парламент на Универзитетот Св. Кирил и Методиј и Агенцијата за млади и спорт којашто наедно е главен промотор на проектот за Националната кампања со цел презентирање на целите и досегашните активности, но и презентирање на натамошните активности во рамки на овој проект.