Градоначалникот Никола Бакрачески ,претпладнево присуствуваше на отворањето на Саемот за наука и култура што се одржа и е во организација на Основното Училиште “Јахја Кемал“во соработка со основните училишта од Охрид.
„Со организирање на вакви саеми , убеден сум дека учениците имаат дополнителна мотивација, покрај совладувањето на редовните наставни програми , да го развиваат чувството за истражувачка работа и да креираат културни активности. Експериментите и истражувачката работа на Ваша возраст е за почитување и е показател дека во текот на следните фази на образованието некои од Вас ќе се определат да се занимаваат со наука, некои со истражувачка работа или со упорност и примена на нови сознанија ќе ги надградуваат своите професии,“- истакна во поздравното обраќање градоначалникот Бакрачески кој како и останатите присутни го испрати во небесната шир балонот со желби за мир и добар соживот меѓу младите, со што и официјално беше отворен саемот за наука и култура.
Во придружба на гостопримливите домаќини од мултикултурното училиште “Јахја Кемал“, градоначалникот Бакрачески ги посети 150-те штандови со изложените иновации на младите научници .Децата задоволно ги презентираа своите научни и културни достигнувања пред првиот човек на Охрид кој се восхитуваше и аплаудираше пред нивните сериозни научни проекти.
„На овој саем преку своите проекти учениците настојуваат да покажат дека во нашето училиште учат за различни култури од најстаро до модерно време, македонската ,албанската турската култура како и светските култури. Со вакви средби ние меѓу себе ги претставуваме своите обичаи и традициите кои ги негуваме од мали нозе и на тој начин стануваме меѓусебно поблиски во нашата убава земја. Учиме и за различни науки и токму она што учениците го совладале во образовниот процес , денес го прикажуваме на овој саем“,истакна Таук Сурија задолжен за односи со јавност во улиштето.
Градоначалникот Бакрачески по обиколката низ штандовите, се запозна и со начинот на работа на училиштето и со постигнатите успеси на децата кои тука се школувале, а ја вкуси и традиционалната македонска и турска храна.
Со раководството на училиштето, градоначалникот Бакрачески ја разгледа можноста, идната година на 9-ти мај- Денот на Европа , ваков научно –културен саем да се одржи на малиот плоштад во Охрид што како манифестација би бил вистинска туристичка атракција.
На денешното случување присуствуваа најмладите згрижени во градинката „Јасна Ристеска“, како и учениците од охридските основните училишта. Проектите од овој саем вчера беа презентирани и пред струшкиот градоначалник и најмладите и основците од Струга.