Костоски: Гласајте за враќање на демократијата во Македонија во сите сегменти и во обичниот живот и во бизнисот и во медиумите

ОК на ВМРО-НП Охрид одржа прес конференција на која зборуваше престседателот на ВМРО-НП и носител на 5-тата ИЕ, Ванчо Костоски.

„Деновиве, овие 20-тина дена ширум 5-та изборна единица поминавме многу терен, посетивме многу домаќинства, само на ниво на општина Охрид посетивме 3 до 4 илјади домаќинства, нашата тактика овој пат беше многу поинаква, не со масовни собири, бидејќи знаеме во какво време и со каква Влада живееме во Р.Македонија, и со каква Локална самоуправа која и ден денес врши притисок врз вработените, односно ги повикува еден по еден по сите јавни претпријатија и им кажува да излегуваат до 10 часот, да гласаат за нивната политичка партија, затоа што после избори може да си имаат проблем. Знаејќи го ова, со кого имаме работа, нас од ВМРО-НП око не ни трепнува, особено од овие вакви какви што се во ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа за заштита на граѓаните, ние работевме на поинков план, ги посетувавме од човек на човек, од куќа на куќа. Наидовме на над 95% одличен прием кај граѓаните и се надеваме на голем резултат, над 4000 гласови во Охрид што е голем успех за нашата политичка партија.“– истакна Костоски.

PressVMRO_Narodna_Partija_1

Костоски на прес средбата се обрати до граѓаните на општина Охрид, особено како што рече до до десно-ориентираните, оние кои што сакаат да гласаат или за ВМРО-ДПМНЕ или за ВМРО – Народна партија.

„Почитувани граѓани, имате две опции за избор. Едната опција е опцијата на движењето ДПМНЕ, ги нарекувам движење бидејќи сами така се прогласија, а не од сарказам, бидејќи далеку се од онаа политичка партија ВМРО-ДПМНЕ која што ние ја создадовме пред точно скоро 24 години, која што ја основавме и ја создадовме независна Република Македонија. Ние сме тие борците кои што учествуваа во сите тие дејанија на нашата политичка партија. Денешното ВМРО-ДПМНЕ е непрепознатливо, односно гласајќи за нив гласате за следниве работи: за меѓународна изолација, масовно иселување во последните 7-8 години над 250 до 300 илјади Македонци најповеќе млади ја напуштија Македонија од многу јаката економска политика која што ја води ДПМНЕ. Понатака, постојаното задолжување на Р.Македонија, значи 2014-2015 година, ќе треба да вратиме 700 милиони евра долгови кои што ги накалеми оваа гарнитура на власт. Со ваков долг кој што треба да се врати ќе има отпуштање од работа, ако ДПМНЕ победи, веќе уште сега ги подготвуваат списоците. Гласајќи за нив не гласате за вработување, туку за отпуштање на администрација од сите сегменти во Р.Македонија. Гласајќи за ДПМНЕ гласате за високата казнена политика која што оваа Влада ја воведе во Р.Македонија. Значи од Горски Венец од Смаил-ага Ченгиќ поголеми арачлии досега не се родени на овие простори во Р.Македонија. Ако гласате за ДПМНЕ, гласате за квазипатриотизам со кој што тие најповеќе се фалат на овие избори.“- рече Костоски.

Костоски на прес средбата го запраша  носителот на ВМРО-ДПМНЕ во 5-тата ИЕ, Антонио Милошоски, за проблемот кој што го има Македонската православна црква во Октиси.

„Значи, со сите свои дозволи кои што ги има, не може да изгради во македонска држава да се изгради своја црква, која што беше и постоечка.Не само што не можете да го спроведите Законот во своја држава, барем да пробавте да го изменаџирате овој проблем, за да биде решен на задоволство на сите жители во Октиси. Значи не само што не го решавате, не сте ни пробале да го решите, тоа е вашиот квазипатриотизам кој што е само на хартија.“– рече Костоски.

Тој ги повикува граѓаните на општина Охрид да гласаат за нивната опција, за ВМРО-НП, а тоа е : враќање на демократијата во Р.Македонија во сите сегменти и во обичниот живот и во бизнисот и во медиумите.

„Нема да дозволиме условување, најбогата држава е онаа каде медиумите можат слободно да зборуваат и против градоначалникот и против директорот и против премиерот, затоа што тие во најголем број се добар коректор на било која власт. Ако гласате за ВМРО-НП, ќе гласате за намалување на казнената политика за најмалку 70%. Вака несразмерна висока казнена политика не е видена воопшто досега во цивилизираните земји. Со просечна плата од 300 до 350 евра, како што кажуваат, а не е ни толку, вие имате казни од неколку илјади евра. Со првиот ден, со првото доаѓање н власт на ВМРО-НП на првата седница на Парламентот ќе ги укинеме овие казнени политики. Гласајќи за ВМРО-НП, гласате за брз влез на Р.Македонија во Европската унија.“– додаде Костоски.

Костоски ги повика граѓаните,  на 27-ми април масовно да излезат, да гласаат, како што кажа по сопствено убедување, не да подлегнуваат на притисоци, зад гласачката кутија, зад параванот, затоа што како што рече Костоски граѓаните се господари на својот глас.

„Се надевам и сигурен сум дека ќе го дадете гласот за ВМРО-НП и ќе го заокружите бројот 10.“– заврши Костоски.

WebOhrid