Фудбалската федерација на Македонија денеска официјално ја поднесе кандидатурата за организација на Европското фудбалско првенство 2020 година. Континенталниот шампионат во 2020 година кога УЕФА одбележува 60 години од првото Европско првенство ќе го организираат 13 градови од стариот континент. Нашиот главен град, Скопје и Националната арена „Филип Втори“ е еден од потенцијалните домаќини на натпревари од групната фаза за ЕП 2020. Одлуката на Европската фудбалска асоцијација кои 13 градови и стадиони ќе бидат домаќини на ЕП 2020 ќе биде објавена во септември во Истанбул. Во периодот од мај до август годинава можно е УЕФА да ги посети градовите кандидати за да утврди каква е моменталната ситуација во градовите кандидати и кои се плановите за инфраструктурно подобрување.
Фудбалската федерација на Македонија изразува благодарност до Владата на Р.Македонија, град Скопје, надлежните министерства и институции, Националната арена „Филип Втори“ кои дадоа целосна поддршка за проектот – Скопје, град кандидат за ЕУРО 2020.