Граѓанската асоцијација МОСТ го следеше вториот круг од претседателските избори и предвремените парламентарни избори со 1.712 набљудувачи, распоредени на исто толку избирачки места, со што беа покриени 50% од вкупниот број на избирачките места на територијата на целата држава, како и 50% од бројот на избирачките места во секоја општина, односно изборна единица. За набљудување на процесот на гласање на болните и немоќни лица и лицата во домашен притвор на 26 април беа ангажирани 79 набљудувачи, а за гласањето на избирачите во казнено-поправните установи – 15 набљудувачи. Исто така, предмет на набљудување беше и работата на Државната изборна комисија и 80-те општински изборни комисии.
Набљудувачите на МОСТ беа статични и го следеа процесот на гласање во текот на целиот изборен ден. Покрај статичните набљудувачи на гласачките места, Граѓанската асоцијација МОСТ распореди и 84 мобилни тимови составени од 2 набљудувачи, кои служеа како логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ги набљудуваа оние места на кои МОСТ немаше распоредено статични набљудувачи.
Според извештаите и информациите добиени од набљудувачите и од 29-те регионални координатори, прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека гласањето на 27-ми април беше спроведено ефикасно и без инциденти, со значително зголемување на случаите на групно и семејно гласање, споредено со првиот круг од претседателските избори. На дел од гласачките места избирачките одбори не ги информираа правилно гласачите за процедурата на гласање, односно за тоа дека може да изберат за кој изборен процес сакаат да гласаат, туку веднаш им издаваа гласачки ливчиња за двата вида избори.
Согласно новите одредби во Изборниот законик според кои во едно гласачко место не може да има повеќе од 1.000 гласачи, беа формирани 502 нови гласачки места и гласачите од едно место беа распоредени во две места. Дополнително, за првпат во Република Македонија се организираа два изборни процеси со различни рокови за спроведување на изборните дејствија. Тоа резултираше со 2 процеси на увид во Избирачкиот список, еден за претседателските и еден за парламентарните избори кои течеа еден по друг. Поради тоа постоеја одредени разлики помеѓу Избирачкиот список за претседателските и оној за парламентарните избори. Државната изборна комисија повторно не ги објави податоците за јавниот увид во Избирачкиот список, ниту за претседателските, ниту за парламентарните избори. Граѓанската асоцијација МОСТ на 2-ри април достави барање до ДИК за добивање на овие податоци, а согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер рокот за одговор е 30 дена. До денес Државната изборна комисија се уште нема одговорено на ова барање.
Помеѓу двата изборни дена ДИК донесе ново упатство за процедурата на гласање, според кое на 27-ми април се обележуваше левиот палец на гласачите, поради тоа што кај дел од нив останале траги од мастилото од првиот круг. И покрај фактот што ова упатство е во спротивност со Изборниот законик, намерата на Државната изборна комисија беше да се отстрани секаков сомнеж во спроведувањето на процедурата на гласање.
Државната изборна комисија не ги прифати пријавите на 639 државјани на РМ кои престојуваат во Албанија да гласаат во амбасадата на РМ во Тирана за предвремените парламентарни избори, иако истите веќе беа запишани во посебниот извод од Избирачкиот список за ДКП Тирана за претседателските избори. Против овие одлуки на Државната изборна комисија беа поднесени 636 тужби до Управниот суд кои беа прифатени, со што овие лица добија право да гласаат во ДКП Тирана на предвремените парламентарни избори. Во текот на расправата за одлуките на Управниот суд, членовите на ДИК ги градеа своите ставови застапувајќи ги интересите и позициите на политичките партии од кои се предложени.