ВМРО-ДПМНЕ е против импичмент на Иванов, бидејќи не го прекрши Уставот на Република Македонија

Интегрален текст од изјава за медиуми – Илија Димовски, Координатор на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ

„Почитувани,

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“, која што е најбројна во Собранието на Република Македонија ќе гласа против оваа постапка заради тоа што цениме дека претседателот Иванов со своите одлуки го нема прекршено Уставот на Република Македонија без разлика дали нам ни се допаѓа или не ни се допаѓа неговата одлука. Ние и кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со одлуката за аболиција.

Сепак како Собрание на Република Македонија имаме одговорност да одлучуваме врз база на Уставот на Република Македонија, а Уставот на државата му дава право на претседателот да носи и такви одлуки. Иако информиравме дека бевме и сме против таа аболиција, веруваме дека претседателот Иванов имал причини кои што ние можеме или не можеме, треба или не треба да ги знаеме врз база на кои што ги донесол своите одлуки. Впрочем и гласањето за измените на Законот за помилување со кои што се даде можност за повлекување по лично барање или по видување на Претседателот се и одговор на тоа дека ние бевме против донесените одлуки, но ќе повторам Уставот на Република Македонија не е прекршен. Ова посебно заради тоа што зад претседателот Иванов на последните избори застанаа 550 илјади граѓани на Република Македонија, која што бројка прво не е за занемарување воопшто како легитимитет и легалитет и како второ, тоа е најголемата бројка која што било кој претседател на државата во овие 25 години ја добил како поддршка за негов избор. Да не додавам дека и поддршката која што претседателот Иванов ја добива на сите јавни истражувања на јавното мислење е во континуиран пораст.

Барам од иницијаторите на оваа иницијатива да ја повлечат истата. Прво заради тоа што нема уставна подлога за изгласување и второ заради тоа што после нашето произнесување е сосема јасно дека оваа иницијатива нема да помине во Собранието. Мислам дека тоа им е јасно и на иницијаторите. Наместо да се занимаваме две – три недели со дискусии кои што ќе бидат сведени на ширење на политичка омраза, нетрпеливост, агресивност, неконструктивност во Парламентот ние бараме од колегите пратеници кои што се потпишани на оваа иницијатива да ја повлечат и тие две -три недели да ги искористиме за многу поконструктивни дебати во Собранието.

Најавите се дека оваа Влада која што сега ја води државата ќе има широка и реформска агенда во насока на исполнување на приоритетите кои што ги има државата, треба за тоа да дискутираме, треба да дискутираме за економијата, за последиците од политичката криза визави економијата, треба да видиме што можеме да подобриме, а е во директен интерес на граѓаните на Република Македонија, а не на политичките партии.

Исто така дозволете уште една работа да споделам. Ние цениме дека оваа постапка за утврдување одговорност на претседателот Иванов е во исклучително погрешно време заради тоа што ние живееме во некоја привидна пауза на мигрантската криза. Во минатите два месеци во кои што имаме привидно смирување на мигрантската криза, нашата граница 12 илјади пати нелегално е помината, а токму институцијата Претседател беше институција која што се справуваше со мигрантската криза и тоа успешно го правеше. Дестабилизација на институцијата Претседател може да доведе до посериозни последици за Република Македонија.

Тие се причините и постапките кои што ќе ги превземе Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во следните денови додека траат дискусиите за утврдување на одговорност на претседателот Иванов.