Градоначалникот Бакрачески учествува на конференцијата на градови со светско културно наследство

Градоначалникот Никола Бакрачески присуствува на 10-та Регионална конференција на Организацијата на градови со светско – историско наследство што од 29 април до 2 мај се одржува во градот Кутна Хора во Чешка.

Претставниците од четриесеттина европски земји  кои доаѓаат од  градови со специфични  светски важни, културно- историски белези расправаат на теми од областа на  рекламирањето  и развој на претприемништвото  во заштитените делови од градовите. Учесниците на меѓународната средба  ги изнесуваат своите искуства и проблематики од оваа област и укажуваат на неопходноста од задолжително носење и спроведување на закони и регулативи на локално и државно ниво за рекламирање односно поставување на знаци , тенди, прегради, пречки на патот, чадори, соларни генератори  и друг рекламен материјал  во историските делови на градовите ,согласно препораките на УНЕСКО.

KutnaHora4851

„Оваа конференција е организирана на највисоко ниво на асоцијацијата на градовите со светски заштитено историско богатство. Се со цел да ги имплементираме заклучоците од оваа конференција, ние како општина сме подготвени да иницираме дури и законски измени со што ќе придонесеме за покомплетна заштита на старото градско јадро во Охрид . Имплементирањето  на заклучоците за нас е важно затоа што тоа е во рамките на препораките на УНЕСКО. Ние како општина сериозно сме заинтересирани да ја регулираме оваа проблематика се со цел во иднина да бидеме и поатрактивна  туристичка дестинација“, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.

Учеството    на оваа важна  конференција е можност за  размена на искуства со градовите кои веќе ја имплементирале законската регулатива во оваа област. Тие искуства ќе  бидат драгоцени во концептите   за одржлив  развој ,  пред се на културен и алтернативен  туризам зошто Охрид е  дестинација  чие природно и културно наследство се под заштита на УНЕСКО.