На Детска хирургија извршени уште 14 кардиохирушки интервенции кај деца

Нова серија од 14 неонатални кардиохируршки интервенции (10 на отворено срце, четири изведени како интервентна кардиологија, а една – комбинација од интервентна кардиологија и операција на отворено срце) кај деца со сериозни срцеви проблеми се извршени од 21 април досега на Клиниката за детска хирургија, каде по шести пат престојува тим детски кардиохирурзи од САД. Попладнево ќе биде извршена уште една, 15. по ред интервенција во рамки на овој престој на тимот од САД.

Од минатата година досега околу 70 неонатални кардиохируршки интервенции се извршени на Клиниката за детска хирургија.

Министерот за здравство Никола Тодоров, кој денеска ја посети Клиниката за детска хирургија и се сретна со  тимот неонатални кардиохирурзи, изрази големо задоволство од текот на целиот проект, од текот на едукацијата, од тоа што, како што рече, постојано и во континуитет се вршат интервенции на Клиниката, се спасуваат детски животи и се обучуваат тим македонски лекари и останат медицински персонал за да можат по истекот на проектот самостојно да работат и да изведуваат неонатални кардиохирушки интервенции.

„По втор пат покрај неонатални кардиохурушки интервенции се изведоа и интервенции преку интервентна кардиологија. Овој пат беа вклучени и кардиолози од Детската клиника и пополека се повеќе и повеќе го шириме тимот односно вклучуваме повеќе луѓе во проектот со цел поголем број луѓе да бидат едуцирани. Минатиот пат интервентната кардиологија се работеше заедно со доктори од Клиниката за кардиологија, а овој пат се работеше со доктори од Детската клиника, значи специjaлизант и специјалист кои имаат ваква едукација во Италија и во Израел“, истакна Тодоров.

Потенцира дека се зголемува бројот на луѓе кои се вклучени во тој проект што, како што укажа, е и нивна основна цел, да има поголем број оспособени, остручени доктори кои може да бидат вклучени во проектот за неонатална кардиохирургија.

Доктор Марсело Кардарели, торакален и детски кардиохирург од САД, кој го предводи тимот детски кардиохирурзи, кој изрази задоволство од неговиот престој на Клиниката, истакна дека од ноември кога претходно бил на Клиниката, досега, е постигнат напредок во неонаталната кардиохирургија.

„Потребни се уште неколку години за да се осамостојат докторите, но се гледа како работите напредуваат полека, но сигурно“, додаде Кардарели.

Доктор Владимир Чадиковски од Детска хирургија, кој е дел од тимот неонатални кардиохирурзи, рече дека децата се чувствуваат одлично. Посочи дека уште две дечиња се во таа јавна здравствена установа, а другите се пренесени на Детската клиника на кардиологија. Станува збор главно за новороденчиња, а едно дете било на десетгодишна возраст.

„Веќе влегуваме во рутинска фаза, веќе 18 деца се закажани за јунската сесија, веројатно ќе има и повеќе. Целиот тим е веќе оформен, секој си ја работи својата работа, секој си ја учи својата работа. Верувам дека за тој тајминг кој ни е предвиден ќе успееме да се осамостоиме и да почнеме сами да ги извршуваме тие интервенции“, истакна Чадиковски.

На последната сесија, потенцира тој, почина само едно новороденче со тежина од два и пол килограми кое беше на експлоративна операција бидејќи од сите инвестигации кои претходно се направија се согледа дека детето има отсуство на големите крвни садови и е родено без крвни садови.

„Едноставно сакавме да видиме кога ќе се отвори дали ќе успееме нешто да направиме со детето. Но, за жал кога се отвори се виде дека кај срцето отсуствуваат главните крвни садови. Има интервенции кои на почетокот се животно спасувачки, а потоа бараат една до две интервенции за да се направи финалната рекострукција. Сега имаме околу десетина деца кои понатаму ќе треба да се оперираат“, рече Чадиковски.

Додаде дека со таа динамика со петте сесии кои се предвидени за годинава, ќе се направат од 70 до 85 операции, а можеби и повеќе.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот Тодоров рече дека само едно до две деца во годината се испраќаат во странство кога станува збор за многу итна потреба од операција и ако во тој период на Клиниката не е присутен тимот неонатални кардиохирурзи од Америка.

Оваа година направивме наместо четири да имаме пет посети во текот на годината, така што уште повеќе ќе се намали можноста за препраќање деца во странство. Очекувам дека оваа година ќе почнат да доаѓаат деца од странство во Македонија посебно од некои соседни земји, имајќи предвид дека тимот кој доаѓа и оперира е многу искусен и се обидуваат да помогнат и на случаи кои секаде се одбиени, додаде Тодоров.