Годинава за прв пат Охрид ќе биде домаќин на спортската манифестацијата Гимназијада, која ќе се одржи во месец мај. На неа директно ќе учествуваат околу 1000 средношколци поделени во 6 спортови (фудбал, кошарка, ракомет, атлетика, футсал и одбојка) и неколку промотивни спортови.
„Во периодот од осми до десетти мај, спортската сала „Тодор Александров“ при ОУ „Живко Чинго“ ќе биде домаќин на „Гимназијадата“. Имено, спортските натпревари во ракомет овие три дена ќе се одржат во спортската сала во Велгошти. Спортската сала која е изградена од „Агенцијата за млади и спорт“ и која е од типот на спортската сала „Борис Трајкоски“, ги има најдобрите услови за одржување на ракометниот натпревар поради добрата гумена подлога која е наменета за овој спорт, трибините за публика со над 400 седишта, модерни соблекувални и WC-а. Велгоштани се гордеат на својата спортска сала и ги поттикнуваат младите да го развиваат спортскиот дух. Единствено спортот е број еден кој ќе ги натера децата на правилен и здрав живот, на дух кој отвора перспектива и видик во недоглед без пороци и негативна енергија.“– вели за WebOhrid, в.д директорот на ОУ „Живко Чинго“, Ѓоко Чингоски.
Чингоски вели дека на настанот можна е посетата на Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, како и на Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски. Тој вели дека велгоштани живеат во исчекување овие денови, а воедно и ги покануваат сите љубители на спортот да бидат сведоци на оваа манифестација.
„Нам ни претставува чест и гордост што еве дочекавме да бидеме домаќини на спортски натпревари од ваков вид.“– додаде директорот Чингоски.
Покровители на Гимназијадата Охрид 2014 се Министерството за образование и наука, Агенцијата за спорт и млади и Локална самоуправа Охрид, додека организатори на манифестацијата се Федерација на училишен спорт на Македонија и Сојуз на училишен спорт – Охрид.
WebOhrid