Специјалната болница на ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид продолжува воведувањето нови методи во оперативните зафати и лекувањето на пациентите, особено во неврохирургијата.
Во оваа здравствена установа деновиве беа извршени првите две операции со поставување апкликација во лумбалниот дел односно поставувањето лумбален кејџ.
Според директорот на болницата „Свети Еразмо“ доктор Митко Тилевски, ваквата најнова метода е од големо значење за болницата, а особено пациентите кои доколку би биле оперирани во странство би плаќале голема сума средства.
„Тоа е најнова метода што во Македонија, на Балканот и во Југоисточна Европа се спроведува првпат во нашата болница. Се аплицираше на две пациентки, едната од Струга, а другата од Битола. И двете се добри и постоперативно во стабилна состојба“, изјави д-р Тилевски.
Како што појасни неврохирургот Митре Милошески, за овој потфат стручниот тим на болницата се подготвувал една година, бидејќи како што рече, се работи за најнова метода што првпат се применува во Македонија.
„Станува збор за пациенти со тешки болести на лумбалниот дискус и постоење една сегментална нестабилност. Оваа метода во моментов ја применува само професорот Форнариј Маурции од миланската болница. Ние сме втора болница во Европа што аплицира вакви кејџови. Тоа се кејџови коишто стојат сами. Порано имаше кејџови коишто се аплицираа и додатно се продолжуваше операцијата сегментите да се фиксираат со штрафови и плочки односно со шипки, но оваа метода всушност го упростува тој режим на операција. Ја скратува операцијата, ја прави побезбедна и пациентите после тоа, многу порано се вертикализираат“, објасни д-р Милошески.
Како што додаде анестезиологот Александар Веслиески, оперативниот зафат трае од час и половина до два часа и се изведува со општа анестезија.
„Овие операции се работат во општа анестезија со тоа што пациентот треба да биде свртен на стомак. Пациентот треба да биде кардио-циркулаторно стабилен и претходно подготвен. Се работи во хипотензивна анестезија, а со тоа се дава предност оперативното поле да биде чисто и потранспарентно за самиот оператор“, истакна д-р Веслиески.
Според најавите на директорото на болницата „Свети Еразмо“ доктор Тилевски, за годинава се предвидени 30-тина пациенти врз кои ќе се примени оваа метода.
„Со Фондот за здравствено осигурување на РМ и со министерството за здравство е планирано да се зголеми обемот на операциите доколку е потребно“, додаде Тилевски.
Старосната граница за болестите на лумбалниот дискус кај луѓето е неважна за изведување на оваа најсовремена метода. Стручниот тим од „Свети Еразмо“ вели дека е најважно дали коскената густина може да го поднесе лумбалниот кејџ. Инаку, во оваа болница е направен оперативен зафат со старите методи и врз пациент на 17-годишна возраст.
Извор: Супер радио