Утре, четврток, со почеток во 13 часот, во просториите на општинската зграда во с. Мешеишта, ЗНУК „Хоризонти 12“ ќе одржи комеморативна седница во чест на починатиот поет, публицист, лингвист, научник и претседател на Здружението за наука, уметност и култура „Хоризонти 12“ проф. д-р Науме Радически.
Науме Радически е роден на 18 мај 1953 година во селото Мешеишта, Охридско. Својот работен век го помина како професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Член на Друштвото на писателите на Македонија беше од 1984 година.
Објавил повеќе поетски книги, меѓу кои „Постоења и мотиви“, „Светол тажен вик“ и „Преображение човеково“. Автор е и на критичко-есеистичките и научни книги „Релации и континуитет“, „Метаморфоза“ и „Време без збор“. Добитник е на наградата на ДПМ „Димитар Митрев“ за критика есеистика.
За ликот и делото ќе зборува проф. д-р Стојан Ристески, а песни од неговата последна стихозбирка „Астрални проекции“ ќе чита Пере Ристески.