За Охрид заинтересиран и филмскиот свет

Градоначалникот Никола Бакрачески,  вчеравечер  имаше работна  средба со членовите на  иницијативниот одбор за отворање на филмска академија во Охрид во состав на:  Роберт Јазаџиски, Зоран Велјаноски- Летра,  Томаш Петрањ, Иво Трајков и Хана Јанаушкова.

На средбата градоначалникот Бакрачески  изрази уверување дека локалната власт  ќе даде силна поддршка за отворање на филмсата академија во Охрид, која се очекува да  биде сместена  во еден дел од Универзитетот „Св. Апостол Павле“.

Со гостите покрај за  академското изучување на филмските вештини се разговараше и за можностите во Охрид  да се отвори и професионално филмско студио најдобро опремено на овие простори.  

Меѓу другото беше заклучено дека развојот на филмската индустрија во Охрид и снимањето на филмови воопшто, би биле магнети за привлекување на   филмски ѕвезди од светски калибар, со што Охрид би имал не само  економски  бенефит туку  би прераснал  и во светски  познат туристички и културен центар.

На  средбата  се разговараше и за можноста  во  градов  да заживее и  охридски филмски фестивал од меѓународен карактер  со што  значително би се збогатила  културната понуда.

По работниот  состанок се очекува во блиска иднина да  биде промовиран целосниот концепт за отпочнување со работа на филмската академија во Охрид.