Министерката за култура во посета на компанијата за визуелни ефекти и анимација за филм fx3x

Филмот на Столе Попов „До балчак“ (со поднаслов „Македонска приказна“) е готов и во септември се очекува неговата премиера. На 20 мај ќе биде прикажан пред дистрибутери на филмскиот маркет на фестивалот во Кан, заедно со „Деца на сонцето“ на режисерот Антонио Митрикески.
 
Постпродукцијата на филмот на Попов е направена во компанијата за визуелни ефекти и анимација за филм fx3x, каде што денеска беше прикажан трејлерот, во присуство на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорот на Агенцијата за филм Дарко Башески.
 
„Убедена сум дека филмот ќе има огромни успеси на голем број фестивали. Мој прв впечаток е дека наликува на светски филм и во него се гледа посветеноста на Попов. Благодарност до целиот тим и посебно до режисерот за се што и претходно има направено за македонската филмска продукција и за овој нов филм, како и до  fx3x за постпродукцијата и прекрасната визуелизација. Владата во изминатите години поддржува создавање што повеќе домашни филмови и учество на голем број фестивали. Оваа година, како никогаш досега, имаме четири готови филмови, кои ќе бидат презентирани пред нашата јавност и на фестивали. Со основањето на Агенцијата за филм, ќе продолжи поддршката со зголемен буџет за филмови на конкурсите кои доаѓаат и ќе се пласираат на фестивали и на филмските маркети“, изјави Канческа-Милевска.
do_balcak_05
 
Столе Попов е задоволен од својот нов филм, за кој рече дека е на ниво  на неговите претходни филмови, и затоа што го реализирал проектот  по многу години застои и одложувања. Режисерот, кој во кариерата има и номинација за престижниот Оскар,  рече дека премиерата се очекува во септември и дека ќе се обидат да го пласираат на големите светски фестивали.
„Поминаа 25-26 години откога со Горан Стефановски ја почнавме оваа одисеја околу пишувањето на сценариото. Потоа, во тие години, имаше два-три неуспешни обиди да го спакуваме филмот, но немаше слух од ниедна од претходните гарнитури и секојпат пропаѓаше во последниот момент. Овојпат имаа одважност оваа Влада и Министерството да го поддржат филмот и го направивме. Избегнувам да давам мислења за своите филмови, но можам да го кажам своето интимно чувство – дека сум апсолутно задоволен од филмот и дека тој е на ниво на моите претходни филмови. Овој филм ќе покаже поинаков капацитет и можност на македонската кинематогафија, затоа што по својот обем и по продукцискиот зафат е навистина голем и наликува на големите амбициозни филмови, со кои би се пофалиле и многу поголеми кинематографии“, изјави Попов.

Во компанијата fx3x,  која работи и за светскиот пазар и има околу 150 млади креативци, е завршена постпродукцијата (монтажа, визуелни ефекти…, освен финалниот микс кој е направен во Чешка. Еден од  нејзините сопственици, Миливој  Ѓорѓевиќ, истакна дека им е чест кога работат на македонски филмови.

„Овој филм на Столе Попов беше голем предизвик за нас, зашто е голем филм и невообичаен за македонските продукции. Голем е по многу работи – од креативно гледиште, па се до техничкиот дел.  На постпродукцијата се работеше околу 10 месеци и целиот материјал – по камерата до предавањето во кино – беше одработен во fx3x“, рече Ѓорѓевиќ.