Арсовска Томовска на 70-та средба на правниците во Охрид

Во рамките на 70-та средба на правниците, која од 8 до 10 мај се одржа во Охрид, свое обраќање имаше заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска.

Таа се осврна на потребата за донесување на новите закони за вработените во јавниот сектор и за административни службеници, како легислатива која ќе овозможи обезбедување на ефикасна и ефективна јавна администрација.

„Постојат повеќе новитети во овие закони, а пред се постапката за вработување, постапката за селекција, како и стручниот развој и усовршувањето на вработените, кој ќе биде клучен момент. Посебно важен ќе биде ефектот односно учинокот, за да може секој вработен да даде отчет за својата работа, да можат да се мерат резултатите и на тој начин да се наградуваат и мотивираат вработените. Во изработката на законските решенија беа консултирани странски и домашни експерти, па со тоа практично овие решенија се едни од најмодерните во рамките на ЕУ и пошироко.“–  рече во своето обраќање Арсовска Томовска.

Настанот беше во организација на Здружението на правници на Република Македонија и на него се дискутира за повеќе прашања од правната сфера, а како учесници се јавуваат истакнати судии, адвокати, правници, нотари и извршители.