„Процесот на глобализација донесе огромни придобивки, но и сложени безбедноси закани, како што денес претставуваат тероризмот, транснационалниот организиран криминал и корупцијата“, истакна меѓу другото, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето обраќање по повод започнувањето на четвртиот модул за регионалната обука во рамките на програмата “Партнерство за едукација” именуван како „Борба против организиран криминал и трговија со дрога“ во организација на амбасадата на САД и програмата ИЦИТАП Македонија.
Според министерката Јанкулоска Македонија како и земјите од регионот, заедно со стратешките партнери ја препознаваат важноста и потребата од зајакнување и интензивирање на соработката во поглед на спроведување на заеднички криминалистички истраги и операции.
„Досегашната пракса покажа дека целосно документирање на една операција, единствено е можно со водење на заеднички меѓународни истраги и непосредна размена на податоци и информации, со вклучување на полициски службеници, обвинители, судии од сите земји учеснички во операциите. Подршката во зајакнување на капацитетите на специјализираните единици за борба против организираниот криминал преку полето на едукација и градењето на меѓусебната доверба денес претставува најсигурната инвестиција во иднината на една држава и идните генерации“, потенцираше Јанкулоска.
Исто така министерката Јанкулоска нагласи дека според релеватните меѓународни институции како што на пример е EUROPOL и како што е наведено во Проценката за закана од организиран и сериозен криминал за 2013 година, во овој момент во ЕУ дејствуваат околу 3600 трансанционални организирани криминални групи.
Токму поради тоа, како што истакна Јанкулоска, современиот пристап подразбира проактивното полициско работење засновано врз разузнавање, што се наметна како императив особено по терористичките настани во 2001 година и ескалацијата на организираниот криминал на меѓународно ниво, при што на полицијата и се наметна потребата да собира податоци, да ги интегрира релевантните информации, да ги анализира и врз основа на издржани анализи и проценки да утврдува приоритети за превенција и контрола на криминалот
Инаку, обуката е во организација на Амбасадата на САД во Скопје и програмата ИЦИТАП Македонија, заедно со американската амбасада во Хрватска и македонското Министерство за внатрешни работи