Повредени повеќе лица во судар на воз и автобус на патот Штип-Велес

Како последица на сообраќајната несреќа која се случи утрово на патниот правец Штип-Велес на железничкиот премин во близина на с.Лозово помеѓу воз и автобус, во штипскиот клинички центар се донесени 16 повредени лица од кои 11 се задржани на хирургија додека останатите 5 на ортопедија. Во општата болница во Велес се примени 16 повредени од кои 3 потешко и веднаш истите се препратени во Скопје, 11 задржани на болничко лекување а 2 полесно повредени се пратени на домашна нега.

todorov_janakieski_1305_g111

Министрите за здравство и за транспорт и врски, Никола Тодоров и Миле Јанакиески попладнево го посетија местото каде утринава се случи несреќата на железничкиот премин во која воз удри во автобус на „Струмица експрес“ полн со патници.

Тодоров информира дека утринава 18 пациенти биле хоспитализирани во штипската клиничка болница, а од нив двајца биле упатени во Скопје.

„Во моментов тука се хоспитализирани 16 лица. Вкупно има 32 лица повредени, 16 се овде во Штип, 16 биле транспортирани во Велес, а шест од тие 32 патници вкупно се транспортирани во Скопје од кои еден пациент се со полесна клиничка слика, а пет се со потешка клиничка слика и се сместени во Карил, на неврохирургија и на трауматологија. Очекувам дека докторите ќе направат се што е во нивна моќ да се обидат да ги спасат оние кои се потешко повредени и да ги третираат согласно протоколите, оние кои се потешко и полесно повредени. Она што е добро е што тријажата е направена брзо. Брзо е покренат целиот систем, има возила испратено од Штип болницата и Здравствениот дом, а има вклучено возила и од Кочани, Свети Николе и Велес. Во Штип е и еден од професорите кој што доаѓа и работи овдека на ортопедија и на трауматологија. Тој, исто така, е вклучен во целата оваа тријажа која што е направена во преглед и мобилизација на пациентите“, вели Тодоров.

Министерот за транспорт и врски Јанакиески рече дека очекува оти МВР наскоро ќе се огласи и со официјално соопштение за причините за несреќата и како таа била предизвикана.

„Денеска сме овде во Штип. Ќе ги посетиме повредените во Велес и Скопје, бидејќи повредените се распределени  на три локации во Република Македонијан и се надевам дека нема да има последици со смрт. Се работи, според првите информации, за грешка на возачот на автобусот, но треба да причекаме на официјалниот став на МВР. Значи можам да истакнам дека конкретниот железнички премин е обележан согласно позитивните законски прописи. Има и рампа која во моментот на несреќата била спуштена. Така што во конкретниот случај не се работи за необележан железнички премин“, вели Јанакиески.

Прашан колку Македонски железници инвестираат во инфраструктурата и сигнализацијата на железничките премини, Јанакиески рече дека постојано се инвестира во подобрување на инфраструктурата и на Коридорот 10 и на Коридорот 8, пред се во менување на шини, прагови за побрзо движење, но, како што истакна, исто така, инвестираат и во подобрување на сигнализацијата. Јанакиески забележа дека во последните пет години околу 100 железнички премини се дополнително осветлени и означени.