Селекторот на најдобрата македонска репрезентација, Бошко Ѓуровски го објави конечниот список на фудбалери за кои смета на контролните натпревари против Камерун и Катар на 26 и 30 мај 2014 година во австриски Куфштајн и Риети во Италија. На списокот се наоѓаат 23 фудбалери, но многу веројатно ќе трпи промени за вториот натпревар против Катар во Италија. Поради клубски обврски двете пресметки ќе ги пропуштат Остоја Стјепановиќ (Висла Краков, Полска) и Стефан Ристовски (Латина, Италија), поради повреда во тимот ќе недостасува Егзијан Алиоски (Шафхаузен, Швајцарија), а за двата натпревари во составот нема да биде ниту Мухамед Демири (Ст. Гален, Швајцарија).
ГОЛМАНИ: Томе Пачовски (Мехелен, Белгија), Андреја Ефремов (Металург)
ОДБРАНА: Даниел Георгиевски (Стеауа Букурешт, Романија), Александар Тодоровски (Штурм, Австрија), Горан Попов (ВБА, Англија), Адријан Цуцули (Шкендија), Ванче Шиков (Волин, Украина), Бобан Грнчаров (Таврија, Украина), Даниел Мојсов (Бран, Норвешка), Кире Ристевски (Славија Софиа, Бугарија)
СРЕДЕН РЕД: Стефан Спировски (Берое, Бугарија), Ферхан Хасани (Брондби, Данска), Агим Ибраими (Каљари, Италија), Давид Бабунски (Барселона Б, Шпанија), Александар Трајковски (Мехелен, Белгија), Тауљан Сулејманов (Работнички)
НАПАД: Иван Тричковски (Беверен, Белгија ), Бесарт Абдурахими (Хапоел Тел Авив, Израел), Јован Костовски (Леувен, Белгија), Адис Јаховиќ (Ворскла, Украина), Баже Илијоски (Работнички), Крсте Велковски (Сараево, БиХ), Борче Маневски (Работнички).
„Ќе ни недостасуваат Стјепановиќ, Ристовски, Демири и Алиоски на кои сериозно ќе ја темелиме играта на следните натпревари, но за жал поради обврски и повреди не можат да му помогнат на тимот за овие два натпревари. Напоменав и претходно дека целта на стручниот штаб во репрезентацијата е да ги видиме и препознаеме квалитетите на поголем дел од фудбалерите кои досега немале вистинка прилика да се докажат и да им дадеме прилика да се наметнат во најдобрата селекција за дуелите од квалификациите за Европското првенство. Веројатно ќе има промени за вториот дуел против Катар, ќе видиме на кои начин ќе се однесуваат играчите на тренинг кампот во Австрија, тие седум дена во Куфштајн се многу важни и за нас како стручен штаб, ќе се обидеме да создадеме пријателски однос со фудбалерите, да бидеме хомогена екипа која ќе трпи и критики и пофалби. Ни треба состав кои ќе игра со желба и страст, тим кој ќе има вистински пристап на секој натпревар. Се надевам дека овие играчи тоа ќе ни го овозможат, иако до стартот на квалификациите има доволно време и за дополнителни промени“, изјави селекторот на А репрезентацијата, Бошко Ѓуровски.
Нашата најдобра селекција на 20 мај патува за австриски Куфштајн, до натпреварот со Камерун на 26 мај во 19:00 часот, тимот на Ѓуровски ќе одработи вкупно осум тренинзи. Натпреварот против Катар го играме на 30 мај во Риети со почеток во 19:00 часот.