Најдобрата македонска репрезентација ги започна подготовките спроти двата контролни натпревари против Камерун и Катар кои се играат во австриски Куфштајн на 26-ти мај и Риети во Италија на 30-ти мај. Со пристигнувањето на Бесарт Абдурахими, селекторот на А репрезентацијата, Бошко Ѓуровски првиот тренинг на австриска почва го одработи со најголемиот дел од фудбалерите на кои смета за двете пресметки, а во текот на утрешниот ден се очекува тимот да биде речиси комплетиран со пристигнувањето на Давид Бабунски и веројатно Даниел Мојсов, задутре во нашата база се приклучува и Горан Попов.
„Благодарност за домаќините во име на Фудбалската федерација на Македонија за одличниот прием, условите кои ги имаме тука се посебни, за играчите и стручниот тим тоа е многу важно. Имаме млад, перспективен и тим кои има желба да напредува. За тренерите, веројатно најважно е да го увидат најпрвин тоа, а јас сум сигурен дека го препознав иако релативно кратко време сме заедно. Се надевам дека сите ќе останеме здрави, бидејќи немаме толку голем фонд на фудбалери. Фокусот на овие подготовки нема да биде насочен кон силни физички подготовки, ќе работиме пред се на тактика и игра. Играчите за нас се најважни, се обидуваме да создадеме атмосфера на фудбалско семејство. Секој може и има прилика да се наметне, но само со прикажаниот квалитет. Се радувам што овие десетина дена ќе бидеме заедно, ќе видиме како ќе се одвиваат подготовките во наредните неколку денови и тогаш ќе имаме појасна слика за сите делови од тимот. Почетокот е позитивен“, изјави селекторот на репрезентацијата, Бошко Ѓуровски.
Еден од најискусните во македонската репрезентација, Томе Пачовски, смета дека овие подготовки можат да бидат многу корисни за наредните предизвици со кои ќе се соочи националниот тим.
„Ова е сигурно добар начин да се подготвиме пред натпреварите со Камерун и Катар. Имаме доволно време и идеални услови за работа, можеме да го увидиме тоа што селекторот го бара од нас и мислам дека ќе бидеме добри на двете пресметки. Во тимот има неколку млади и нови фудбалери, мислам дека ни требаше таков „ветер во грб“. Атмосферата е позитивна и се надевам дека секој ќе си ја сфати својата задача на највисоко ниво и ќе се бори за прогрес на целиот тим,“ изјави репрезентативниот голман, Томе Пачовски.
Утре, нашата репрезентација ќе тренира два пати, во 10:30 наутро и во 17:30 часот попладне. Во текот на утрешниот ден пристигнува Давид Бабунски и веројатно Даниел Мојсов. Горан Попов задутре ќе му се приклучи на тимот. Натпреварот против Камерун го играме на 26-ти мај во 19:00 часот во австриски Куфштајн.