Министерот Тодоров во работна посета на здравствени установи во Солун

Министерот за здравство Никола Тодоров, денеска престојува во работна посета на повеќе реномирани здравствени установи во Солун – Република Грција, меѓу кои и општите приватни болници Сент Лук и Еуромедика – Кијанос Ставрос.

Како што соопшти Министерството за здравство, целта на посетата е спроведување на Програмата за доедукација на македонски здравствени работници во Република Грција, разгледување на можностите за ангажирање грчки лекари во насока на воведување иновативни методи во здравствениот систем во Република Македонија, како и анализирање на опциите за евентуален ангажман на здравствени промотори.

Воедно, во рамки на посетата, министерот Тодоров информираше за изградбата на Центарот за позитронска емисиона томографија (ПЕТ-центар) во Скопје, кој ќе биде пуштен во функција следната година, и со кој се овозможува најсовремена ефикасна дијагностика, како важен предуслов за успешна и пократкотрајна терапија на малигните заболувања за граѓаните од Република Македонија, како и за жителите од целиот балкански регион, вклучувајќи ја и Грција.

Општата приватна болница Сент Лук ги опфаќа речиси сите медицински и хируршки специјалности, располага со софистицирана опрема, којашто постојано се обновува согласно развојот на медицинската технологија, и обезбедува здравствена заштита за над 2.000 пациенти месечно. Оваа болница, во рамки на своето опстојување од 1975 година досега, има стекнато репутација на една од најдобрите болници во Источна Европа и Балканскиот регион.

Еуромедика-Кијанос Ставрос во Солун е реномирана приватна болница и функционира како дел од најголемата приватна корпорација Еуромедика, која овозможува примарна и секундарна здравствена заштита преку повеќе од 70 здравствени единици.

Во текот на денот, министерот Тодоров ќе ја посети и Државната болница „Ипократио” во Солун, која претставува една од најголемите здравствени установи во Грција и регионот.