Хуманитарната акција „Охрид од срце за Србија и Босна“ што Општина Охрид заедно со Црвен Крст ја започна изминатиов викенд , со несмалено темпо продолжува и наредниов период. Од денес пункт за собирање средства за жителите на Србија и Босна кои повеќе од една недела се соочуваат со стихијни поплави е отворен и пред општинската зграда. Денес на повикот на градоначалникот Бакрачески се одзваа Јавните Претпријатија, и претставници од бизнис заедницата кои донираа средства.
„Сакам да изразам благодарност до сите компании кои денес се одзваа на нашиот повик , односно преку отворање на овој пункт со донирање на средства ја помагаат оваа акција. Компанијата “Андрос“ донира еден камион со средства за хигиена. Тука е компанијата “Ентер“ која донира тон и половина флаширана вода, златара “Горан“, фирмата “Маеми“. Благодарност до хотелите :“Гранит“,“ Метриопол“,“ Белведере“,“Климетица“, “Гарден“ како и до рестораните: “Далга“, “Тино“ “Рибен ресторан“, кои исто така се вклучија во оваа акција. Јавно се заблагодарувам и на сите кои во овој момент не ги спомнав а кои активно се вклучија во оваа акција. Граѓаните на Охрид и компаниите покажаа висок степен на општествена одговорност , на хуманост и солидарност и масовно се одзваа на акцијата за помош на настраданите во поплавите во Србија и Босна и Херцеговина“, рече градоначалникот Бакрачески кој се заблагодари на охриѓани за досегашното активно учество во акцијата и упати повторен апел и понатака во рамки на своите можности да бидат дел од хуманитарната акција.
Охрид дише со хуманост, огромен е одзивот и солидарноста која што ја покажаа охриѓани, потенцира Претседателот на Црвен Крст Сашо Точко, укажувајќи дека донациите од Охрид веќе пристигнуваат во Србија и Босна и Херцеговина.
„Една пратка од 80 тони најразлични производи беше испратена од Црвениот Крст на Македонија вклучувајќи не и нас. Во понеделникот една пратка отиде за Србија, а вчера една пратка замина за Босна и Херцеговина . Утре заминуваат пет шлепери за Србија во кои ќе биде и оваа пратка. Во овој момент не е голема потребата за ќебиња и облека. И понатака има потреба од средства за хигиена, бебешки производи, флаширана вода и конзервирана храна. Повторно би апелирал до оние кои самоиницијативно имаат собирни акции помошта да оди преку Црвен Крст затоа што во вакви вонредни ситуации процедурите за прием и испраќање на роба е посебна. Протоколите се предвидени од страна на меѓународната федерација и тоа мора да се почитува. Да не доаѓаме во ситуација дека е фатен приватен камион на граница. Токму од тие причини работата ја олеснуваме . Уште еднаш кажувам дека нашите пунктови за донации се кај новата автобуска станица, во Црвен Крст, во поголемите маркети низ градов и од денес пред зградата на Општина Охрид“ , потенцира Точко.
Инаку, пунктот за донации поставен пред зградата на општина Охрид ќе биде отворен и наредниве денови од 9 до 16 часот.